
Ќе се воведе времен режим на сообраќај со кој ќе се овозможи движење по една сообраќајна лента по средината на мостот на Вардар на регионалниот пат Башино Село – Велес. На мостот, којшто беше целосно затворен за соообраќај на почетокот на јануари поради нарушена стабилност, се одвиваат активности за санација.
Јавното претпријатие за државни патишта вечерва извести дека врз основа на Одобрение за времена измена на режимот на сообраќај за време на санацијата на мостот на река Вардар на регионалниот пат Р1312 делница: Башино Село – Велес, ќе го стави во времен режим на сообраќај.
Времениот режим на сообраќај ќе се одвива согласно со изготвениот Сообраќаен проект за времено одвивање на сообраќајот и со поставување на соодветна сообраќајна сигнализација и опрема на патот, а движењето на сообраќајот ќе биде регулирано со светлосна сигнализација по една сообраќајна лента по средината на мостот, информира ЈПДП.
Времениот режим ќе стапи во сила 24 часа по објавувањето на известувањето на ЈПДП во електронските и пишаните медиуми.
Мостот на река Вардар на регионалниот пат Р1312, кај Башино село е затворен за секаков вид на сообраќај поради нарушена стабилност. Санацијата на мостот ќе чини 320 илјади евра.