Skip to main content

Со висечки мост, Тиквешко езеро ќе стане туристичка атракција

Со висечки мост од едната до другата страна, долг околу 168 метри, до повеќе туристи на Тиквешко Езеро и околната недопрена природна убавина. Ова е само една од идеите на кои сериозно се работи, а имаат за цел развој на алтернативниот, покрај винскиот туризам, во најголемиот лозаровинарски регион во државата, тиквешкиот.

МИА деновиве беше на терен, го фотографиравме местото каде што се планира да се постави оваа атракција. Наш домаќин беше Јован Златевски, независен советник во Советот на Општина Кавадарци и човекот кој изминатиов период активно работи на враќањето кон природата, запознавање на убавините во татковината и заживување на руралниот туризам.

-Дел од сајлата неопходна за реализација на оваа замисла е веќе обезбеден. Висечкиот мост е замислен да биде, нешто како што во минатото постоело на овој простор, се викало леса, а по неа минувале жителите од селото Клиново, кога оделе за Кавадарци. Тие не можеле да го замислат својот живот, без таа леса поставена на реката Црна. Веќе отпочнавмe со набавка на неопходен материјал за новата леса. Проектот за неа, е речиси готов, го прават стручни лица по сите стандарди. Многумина што потекнуваме од овој крај или едноставно се имаме вљубено во него, досега со свој личен ангажман и финансиски средства работиме на заживување на ова прекрасно парче од нашата земја. За целосна реализација на проектот, ќе аплицираме пред домашни и странски институции. Лесата ќе биде меѓу најдолгите во светот, појасни тој.

Природа за рестарт на животот

Златевски потсети дека овој дел од Тиквешијата изобилува со природни убавини за рурален и алтернативен вид туризам и овде веќе имаат изградено викендички тиквешани, но и вљубеници во природата од други места. Тој ни раскажуваше за извонредната можност за планинарење, велосипедизам, алпинизам по околните карпи што нудат идеални услови за тоа. Веќе неколку години низ езерската шир се реализира и Тиквешка винска регата.

-Би рекле дека 99 проценти од тиквешани не знаат дека има заштитена зона кај Тиквешкото езеро, каде точно се наоѓа таа и кои се природните убавини што ја прават посебна па државата одлучила да ја заштити, коментираа дел од оние кои редовно му се навраќаат на овој крај, за повторно и повторно да ги наполнат батериите во изобилство од природни убавини и надвор од градската врева. Да му направат, што се вели, рестарт на животот.

Додека наздравувавме со чашка квалитетна домашна жолта произведена од Златевски, мезејќи од лешниците и бадемите од нивната семејна земјоделска фарма, разговаравме за тоа дека околината на Тиквешко Езеро раѓа прекрасно грозје, во атарите на тукашните села се произведуваат гроздови зрна со извонреден квалитет од кои се добиваат вина и ракии со одличен вкус.

-Во минатото се велело дека божествената течност исцедена од гроздовите родени во овој дел на сончева Македонија, билa толку автентичнa и густa што во крпа можелa да се носи. Овде околу 90 проценти од лозовите плантажи се на суво. Тука некаде, своевремено дури и куќите се ѕидале со вино наместо со вода, раскажуваа нашите пријатели, со кои не спојува љубовта кон мајката природа и нејзините уметнички дела.

Најмистериозното езеро во државата

Со нив разврзавме муабет и за островот на Тиквешко Езеро, што ги крие тајните за околната руда. Археолошкиот локалитет Градот кој е дел од најмистериозното езеро во државата, втората по големина вештачка акумулација, е значаен римски, доцно антички и средновековен град познат како Тиквеш или кале Градиште. Станувало збор за некогашниот значаен град кој го контролирал и чувал излезот на патот од рудоносните предели под планината Кожуф, а кој денес претставува остров во Тиквешкото Езеро. Се верува дека овде може да се најдат интересни археолошки остатоци.

Инаку, островчето на Тиквешкото Езеро отсекогаш го привлекува вниманието на туристите кои доаѓаат да уживаат во околната природа. За него ќе чуете дека е тоа прекрасно место, рај, убавина македонска, на Господ бог градината. Луѓето кои изминативе години се обидуваат да го развијат туризмот крај Тиквешкото Езеро и воопшто во Тиквешијата, сметаат дека археолошкиот локалитет е придонес плус во приказната за регионот, која треба да биде магнет за туристите од земјава и странство.

Крај Тиквешко има изградено околу 3.000 викендички. Во неколку викенд населби редовно доаѓааат посетители од разни краеви на Македонија и странство.

Се очекува лесата на Тиквешко Езеро да биде омилена дестинација за фотографирање на љубителите на природата, вљубените, авантуристите и кој ли уште не. Но и без неа, ние направивме прекрасни фотографии од волшебните доживувања во неизвалкана природа. Таму каде што нема телефонски сигнал и интернет мрежа, а има изобилство од природни и лековити чаеви и други билки, таму е неколку степени посвежо на овие летни високи температури.

Одмараат очите во езерската шир и морето од зеленило наоколу, ушите во звукот на тишината на природата, што ја брануваат само звуците на инсектите и птиците што го слават животот. Не се заборава вкусот на плодовите набрани по козјите патеки и беспаќата, по кои одамна никој не минал. А мирисот на природата, тој мирис маѓепсува. Токму таков опоен мирис има и подарениот букет весели цветови, набрани близу Тиквешко Езеро. Со него, се обидовме таа убавина, барем за момент, да ја донесеме дома.

Поврзани вести