
Европската унија ги усвои првите усогласени правила за благосостојба, одгледување и следење на кучиња и мачки, кои воведуваат задолжителни системи за микрочипирање и регистрација на сите животни кои влегуваат или се чуваат на територијата на Унијата.
Новата регулатива, поддржана со мнозинство гласови во Европскиот парламент, наметнува обврска за сите сопственици од земји надвор од ЕУ да ги регистрираат своите чипирани миленици во соодветната база на податоци најмалку пет работни дена пред пристигнувањето.
За одгледувачите, продавниците и засолништата во рамките на Унијата е оставен преоден рок од четири години да се прилагодат, додека за приватните сопственици обврската ќе стапи на сила по 10 години за кучињата и по 15 години за мачките.
Потребата од вакви мерки доаѓа поради зачестената нелегална трговија и неконтролираната онлајн продажба на животни преку социјалните мрежи, кои ги изложуваат купувачите на сериозни измами.
„Усвојувањето на новите правила испраќа јасна порака: благосостојбата на животните е важна во Европа“, истакна министерката за земјоделство на Кипар, Марија Панајоту, во официјалната изјава за ЕУ.
Регулативата предвидува строги забрани за инбридирање (размножување меѓу блиски сродници) и забрана за одгледување животни со екстремни физички карактеристики кои водат до здравствени ризици, како и нивно исклучување од изложби.
Истовремено, со законот се воведува забрана за осакатување на кучињата и мачките за естетски цели, трајно врзување за предмети, како и употреба на несоодветни јаки кои немаат вградени безбедносни механизми.
Сите огласи на интернет за продажба на миленици во иднина ќе мора да содржат лесно проверливи податоци за идентификација, со што целосно ќе се затворат дупките каде комерцијален увоз се прикриваше како некомерцијално движење на животни.
Новите законски одредби стапуваат на сила 20 дена по нивното официјално објавување во Службениот весник на Европската унија.

Македонски


