
По повод 40-годишнината од формирањето на Шенген зоната, Европската Унија преку програмата „Откриј ја ЕУ“ им нуди единствена можност на 40.000 млади луѓе да ја истражат Европа, соопшти денеска портпаролката на Европската комисија, Ана-Кајза Итконен.
– ЕУ нуди 40.000 бесплатни билети за млади луѓе родени помеѓу 1 јануари и 31 декември 2007 година, а процесот на аплицирање е многу едноставен. Тие само треба да пополнат краток онлајн квиз на Европскиот младински портал, рече Итконен.
Таа информира дека веб страницата за пријавување на конкурсот е отворена од денеска на пладне и заинтересираните 18-годишници ќе можат да се пријавуваат на неа до 12 часот на 13 ноември 2025 година.
Право на учество на конкурсот имаа млади луѓе од земјите членки на ЕУ и од државите опфатени со програмата Еразмус+, меѓу кои и македонски државјани.
– Избраните кандидати ќе имаат можност да патуваат бесплатно во траење до 30 дена, помеѓу 1 март 2026 и 31 мај 2027 година, при што ќе добијат и картичка за попуст за јавен превоз, културни содржини, сместување, храна, спортски активности и други услуги во 36 европски земји, истакна Итконен.
Според неа, добитниците на овие бесплатни билети ќе можат сами да ги планираат своите рути за патување или да се приклучат кон некоја од организираните европски рути, како онаа на програмата „Баухаус“, која вклучува посети на „прекрасни, одржливи и инклузивни градови“ или на онаа низ градовите добитници на наградата „Европска зелена престолнина“.
На добитниците на билети со попреченост или здравствени проблеми ќе им се овозможи на патувањето да бидат придружувани од други лица.
Од воспоставувањето на оваа програма во 2018 година, па досега, ЕУ обезбеди 391.000 билети за патување, што им овозможи на младите луѓе од цела Европа да патуваат низ континентот и подобро да ги запознаат другите култури и европската историја и да ги подобрат своите јазични вештини.

Македонски








