Skip to main content

Почина Росита Мисони, италијанската дизајнерка која шарената трикотиажа ја направи светски позната

Италијанската дизајнерка Росита Мисони, ко-основач на истоимената модна куќа позната по шарената трикотажа, почина во четвртокот на 93-годишна возраст, соопштија претставниците на модната куќа.

Бизнисот го започнала во 1953 година со нејзиниот сопруг Отавио Мисони, развивајќи бренд кој стана популарен по својата шарена трикотажа со геометриски дезени и пруги, вклучувајќи го и познатиот цик-цак мотив наречен „фиамато“.

Родена во семејство на текстилни занаетчии во близина на северниот италијански град Варезе, Росита студирала современи јазици. За време на престојот во Лондон во 1948 година за да го подобри англискиот јазик, таа го запознала Отавио, кој се натпреварувал на 400 метри со пречки на Олимпијадата во тој град.

Брендот „Missoni“ стана познат ширум светот и доби награди за карактеристичните модели и авангардната употреба на текстил и пристапот кон модата кој често се споредуваше со современата уметност.

Росита беше креативен директор на женската колекција до крајот на 1990-те, кога ја препушти работата на нејзината ќерка Анџела.

Најстариот син Виторио, маркетинг директор на модната куќа, загина во 2013 година во авионска несреќа крај брегот на Венецуела.

Отавио почина во мај 2013 година на 92-годишна возраст, четири месеци откако исчезна авионот со нивниот син. Остатоците од авионот подоцна беа пронајдени.