Skip to main content

Како се загубила главата на еден од солунските атентатори

Павел Шатев ја донел главата на Марко Бошнаков од либискиот Сибир, Фезан. Денес, никој не знае каде точно таа е погребана. Најдалеку во истражувањето стигнал историчарот Никола Целакоски, кој, за жал, е починат веќе повеќе години.

Посмртните останки од сите гробови, меѓу кои и останките од Марко Бошнаков, биле пренесени во црквата „Св. Константин и Елена“, која потоа станала еден вид костурница. Во периодот околу 1960 година сите останки биле погребани во источното двориште на црквата „Св. Константин и Елена“ во Охрид.

Две глави, два черепи, донеле гемиџиите Павел Шатев и Ѓорги Богданов во 1908 година од заточеништвото во затворот во Мурзук, Либија – на Марко Бошнаков и на Милан Арсов.

„Ние бевме слободно“, запишал Шатев во своите спомени. „Но, наспроти тоа, умот, инстинктот, нè понесуваа во друга насока: како да ја извршиме својата должност, како да успееме да ги земеме телата на своите умрени другари. Тие беа неодамна закопани, уште неизгниени сосем… Демневме момент како да го извршиме тој план и да ги земеме барем коските на умрените другари. Поминаа една-две недели, а оваа мисла никако не ни го напушташе умот… Една вечер, шестмина од нас, крајно притаено, отидовме крај гробовите. Ставивме два-тројца да вардат, да не нè забележи некој, а другите, кој со раце, кој со штици, почнавме да го распретуваме песокот, да ги бараме телата на умрените. Ноќта беше ведра, Месечината силно светеше… за кусо време песокта беше префрлена настрана – се појавија труповите. Тие беа уште нераспаднати, цели. Реата сè повеќе се зголемуваше. Почувствуваме големо замелушување. Пот ни бликаше од лицата. Пауза. Пак на работа. Никако не можевме да ги понесеме телата зашто немаше како и каде да ги скриеме. Коските не можевме да ги прибереме зашто уште беа со месо. Не остануваше ништо друго, освен да ги понесеме черепите на умрените. Вчас ги извадивме ножевите, ги отсековме главите. По неколку минути, пак почнавме да ги покриваме труповите со песок. Главите останаа надвор. Ги прибравме во посебни торби и ставени на рамо – право дома. Утредента, откако ги залеавме со јодоформ, ги ставивме во две тенеќени кутии, кои херметички ги затворивме. Тие беа веќе готови, а ние спокојни“, напишал Шатев.

Во Македонија главите им ги предале на семејствата на умрените. Таа на Арсов е закопана во село Ораовец, во близина на Велес, а дури во 2001 година вмровците му направија спомен-плоча и го одбележаа местото на кое почива тој преостанат дел од несреќниот солунски атентатор. Черепот на Бошнаков, Македонија го загуби. Никој не знае каде точно е погребана главата на човекот што, каква иронија на судбината, на Шатев, на Богданов и на Арсов им оставил аманет:

„Ако телото ми се тркала, немојте да дозволите тоа да се случи и со главата“.

Марко Бошњаков

Шатев и Богданов останаа верни на ветувањето, не дозволија главата да му остане некаде во песокот на пустинска Либија, но затоа нивната татковина се погрижи да се случи токму тоа од што Бошнаков стравувал: му ја истркала главата. Изминатите години, во февруари, на годишнината од смртта на Бошнаков, во Охрид се одбележува денот со собир пред неговата куќа во центарот на градот. На неговиот гроб не може да се запали свеќа зашто не се знае каде е! Последниот кој со години се обидуваше да го открие местото на кое Социјалистичка Македонија ја фрлила главата на Бошнаков е историчарот Никола Целакоски од Охрид, Пред повеќе години тој издаде и посебна книга за гемиџијата, во која го забележа следното:

„Останките, т.е. главата на Марко Бошнаков била сместена во украсно дрвено ковчеже и била погребана на гробиштата во црквата „Св. Богородица Перивлепта“. Меѓу двете светски војни, поради отстранување влага во црквата, извршено е отстранување на земја од северната, од источната и од западната страна, при што било извршено и отстранување на гробовите што се наоѓале на овој простор. Посмртните останки од сите гробови, меѓу кои и главата на Марко Бошнаков, биле пренесени во црквата „Св. Константин и Елена“, која потоа станала еден вид костурница. Во периодот околу 1960 година сите останки биле погребани во источното двориште на црквата „Св. Константин и Елена“ во Охрид. Од негрижа оваа заедничка гробница нема обележје, како да не постои“.

Во црквата денес нема никој, а таа стои заклучена. Се наоѓа на педесетина метри од црквата „Св. Богородица Перивлепта“, под патчето што води до училиштето „Св. Климент Охридски“. Во дворот на црквата, токму на нејзината источна страна, има една надгробна плоча, на која некогаш било напишано име, ама сега не се распознава. Во обраснатата со трева земја се наоѓаат коските на сите починати од гробиштата на „Св. Богородица“, чиј мир бил нарушен меѓу двете војни. Меѓу нив би требало да е и главата на Бошнаков.

На овој простор од дворот пред црквата „Св. Константин и Елена“ треба да се наоѓа и черепот на гемиџијата

Марко Бошнаков и другите гемиџии, по шест и пол децении македонска државност и по две децении самостојност, добија свое обележје и во Скопје, во главниот град, во рамките на проектот „Скопје 2014“. Веројатно никогаш и не помислиле дека нивниот спомен ќе доживее таква душманска антикампања каква што им беше приредена во престолнината на земјата за чиј народ загинаа. Но, кога ќе се види како умрел Шатев, кога ќе се види дека гробот на Арсов не бил обележан, а гробот на Бошнаков не ни постои, тогаш, всушност, целата работа добива своја реална слика.

Бошнаков е единствениот охриѓанец меѓу солунските атентатори. Од богата фамилија, со куќа во центарот, можел да го мине животот сосема поинаку. Но, тој го избрал патот што му го донел заточението во Фезан, африканскиот Сибир, заедно со Шатев, Арсов и Богданов.

„Тука сибирските студови се заменуваат со неподносливи жештини и длабока песок“, раскажува Шатев.

На 7 февруари 1908 година, на само неколку месеци пред амнестијата и ослободувањето, Бошнаков се разболел од мочуришна треска. Умрел седум дена подоцна, на 14 февруари (според стариот календар), од срцев удар.

„Исто онака како што ги поднесе спокојно и ладнокрвно сите маки, сите угнетувања, сите ограничувања и неволји, исто така тивко и ладнокрвно ја пречека и смртта. За него, таа беше вечно успокојувачки сон по долги физички и морални измачувања што ги претрга во текот на петгодишното затвореништво во солунскиот централен затвор и во Фезан. Погребот се изврши уште истиот ден попладне“, забележал Шатев во своите спомени за заточението.

Шатев неговото го заврши. Тој ја донесе главата на Бошнаков дома. Некои претходни генерации, намерно или не, ја загубија, а ред е оваа генерација да ја пронајде.

Извор МИА

Поврзани вести