Skip to main content

19-годишна ТикТок инфлуенсерка пронајдена мртва во својот дом во Лос Анџелес

Филипинската инфлуенсерка и Тикток ѕвезда, Еман Атиенза, почина на 19-годишна возраст. Членовите на нејзиното семејство ја потврдија тажната вест на социјалните мрежи, во објава на Инстаграм на 24 октомври, пренесува „Пипл“.

„Со длабока тага ја споделуваме веста за ненадејната смрт на нашата ќерка и сестра Еман. Таа донесе толку многу радост, смеа и љубов во нашите животи и во животите на сите што ја познаваа“, напишаа нејзините блиски.

„Еман имаше начин да ги натера луѓето да се чувствуваат видени и слушнати и не се плашеше да го сподели своето сопствено патување со менталното здравје. Нејзината автентичност им помогна на многумина да се чувствуваат помалку осамени“, продолжува објавата со повеќе фотографии од Еман низ годините.

„Во чест на споменот на Еман, се надеваме дека ќе ги продолжите квалитетите според кои живееше: сочувство, храброст и малку дополнителна љубезност во вашиот секојдневен живот“, се вели во објавата, која ја потпишаа родителите и браќата и сестрите на покојната инфлуенсерка.

Според „Дедлајн“, таа се преселила од Филипините во Лос Анџелес ова лето. На Тикток, Еман често ги изразувала своите политички убедувања и ги критикувала конзервативните вредности во нејзината родна земја, признавајќи дека затоа добивала негативни коментари.

Окружен судски патолог (медицински вештак) од Лос Анџелес потврди за „Пипл“ дека покојната инфлуенсерка починала од самоубиство.