
Од 25 август до 6 септември, на 13 локации во 9 градови, ќе се одржи јубилејното, 15. издание на најпознатиот и најпосетуван уличен фестивал во земјава – фестивал кој петнаесет години по ред внесува боја, смеа, радост и автентична уметност под отворено небо.
Под слоганот „Побарај ја забавата“, инспириран од шпанскиот збор buscar (барај), Баскерфест и годинава ќе го претвори секојдневието во нешто волшебно и неочекувано, секојдневие на мигови што се паметат, што се случуваат на улица, без најави, без сцена, без билет. Улиците ќе станат сцени за акробати, жонглери, кловнови, музичари, танчери, илузионисти и улични артисти од целиот свет, кои го задржуваат вниманието, предизвикуваат смеа, шират позитивна енергија и умеат само за миг да го „украдат“ аплаузот на публиката.
Годинава Баскерфест ќе обедини повеќе од 20 артисти од целиот свет, таленти од Полска, Србија, Албанија, но и од далечните Чиле, Бразил и Канада, чие присуство ќе му даде на фестивалот посебна димензија. Тие доаѓаат од континенти со различни култури, јазици и традиции, но со иста мисија, да споделат радост, креативност и енергија што го буди секое место низ кое минуваат, секој од нив ќе понуди по нешто непредвидливо, нешто што се доживува со сите сетила.
Дополнително, секоја вечер на фестивалот ќе биде збогатена со музичка програма, што ќе го надополни визуелното доживување со звук, ритам и уште поголема блискост меѓу артистите и публиката.