
Спам пораките, „ексклузивните“ попусти и понудите што не смеат да се пропуштат се во пораст околу 14 февруари, Денот на вљубените, бидејќи кибер криминалците го користат празникот за да ги намамат и измамат корисниците, се наведува во истражување на безбедносната фирма Bitdefender.
Според нивните наоди, 41 процент од спам пораките за Денот на вљубените се насочени кон измама.
Меѓу техниките што најчесто ги користат кибер криминалците за кражба на лични и финансиски информации се фишинг, романтични измами, лажни наградни игри, барања за авансно плаќање и лажни анкети.
САД се земјата најпогодена од тие измами, со 55 проценти од пресретнатите пораки од овој тип, по што следат Германија (13 проценти), Ирска (8 проценти) и Обединетото Кралство со шест проценти. Следуваат Јапонија, Јужна Африка, Полска, Италија, Австралија, Франција и Канада.
САД, исто така, остануваат главна земја на потекло за измамнички кампањи за Денот на вљубените, – 43 проценти од спамот. Следат Бразил, Хонг Конг, Кина, Италија, Јужна Африка, Полска, Индија, Франција и Унгарија.
Според истражувањето, околу 10 проценти од пораките користат мамки со тема за запознавање, честопати со слики од профили генерирани од вештачка интелигенција.
Значителен дел од измамите за Денот на вљубените, исто така, се потпираат на лажно претставување на бренд, при што кибер-криминалците се претставуваат како добро познати трговци на мало и луксузни брендови.
Истражувачите на Bitdefender препорачуваат да се обрне посебно внимание на е-поштата, пораките на социјалните медиуми и СМС-пораките што ветуваат бесплатни подароци, награди или специјални понуди, и да се проверат сите навидум неразумни понуди или пораки пред да се одговори на нив.

Македонски



