Skip to main content

Зохран Мамдани денеска ја презема функцијата градоначалник на Њујорк

Демократот Зохран Мамдани, првиот муслимански избран градоначалник на Њујорк, денеска ја презема функцијата со четиригодишен мандат.

Мандатот на противникот на американскиот претседател Доналд Трамп има значајна политичка и симболична вредност.

Мамдани ќе положи заклетва кратко по полноќ по локално време во тесен круг луѓе, вклучувајќи ја и главната обвинителка на Њујорк Летиција Џејмс, заколната противничка на Трамп, коо го тужеше. За возврат, претседателот се обиде да поднесе контратужба.

Првата церемонија, која ќе биде приватна, но ќе биде телевизиски емитувана, ќе се одржи на историската станица на метрото под Градското собрание. По неа ќе следи уште една јавна церемонија денеска, под водство на сенаторот Берни Сандерс, популарна личност меѓу американската левица, и голема прослава. Се очекува да присуствуваат десетици илјади луѓе.

Празничниот настан е во согласност со „една од главните пораки“ што новоизбраниот градоначалник ја повтори за време на својата кампања – дека „Њујорк е прекрасен град за живеење“, изјави Линколн Мичел, професор по политички науки на Универзитетот Колумбија.

Мамдани се опишува себеси како социјалист во земја каде што зборот се поврзува со крајната левица. Тој ја изградил својата програма околу превисоките трошоци за живот во метрополата со 8,5 милиони жители.

Шансите другите ветувања на Мамдани (изградба на 200.000 прифатливи домови, универзална градинка, евтини општински супермаркети, бесплатни автобуси) да бидат исполнети сè уште се непознати. Неговиот одличен однос со Кети Хокл, демократската гувернерка на државата Њујорк, работи во негова корист. Многу одлуки се одобрени на ниво на гувернер, особено зголемувањето на даноците што тој ги планира.

Наспроти сите очекувања по жестоката кампања, средбата меѓу Доналд Трамп и Зохран Мамдани на крајот на ноември беше срдечна. По изборите, „резултатите се поважни од симболиката“, забележува Џон Кејн, професор на Универзитетот во Њујорк.

Идниот градоначалник „мудро побара заедничка мисија со Трамп: да го направи Њујорк град каде што луѓето можат повторно да живеат“.

Со зголеменото присуство на имиграциската полиција во градот, тешко е да се каже колку долго ќе трае ова затоплување на односите. Гласачите „навистина очекуваат“ нивниот нов градоначалник остро да се спротивстави на политиките на Трамп, вели Мичел.

На 34 години, Мамдани е еден од најмладите градоначалници во Њујорк, а неговиот единствен претходен мандат беше како претставник на неговиот округ во државното собрание. Критикуван поради недостаток на искуство, новоизбраниот градоначалник се опкружува со искусни соработници, од кои некои работеле за претходни градоначалници или дури и за администрацијата на поранешниот претседател Џо Бајден.

Популарна е и неговата сопруга, Рама Саваф Дуаџи, уметница родена во Сирија. Според Соушл Блејд, нејзиниот Инстаграм профил добил над милион следбеници од ноември. Неодамна на насловната страница на списанието за мода и култура Cut изјави дека не е политичка фигура, но го поддржува својот сопруг и сака да ја искористи својата улога како прва дама на Њујорк „на најдобар можен начин“.

Поврзани вести