
Украинскиот претседател Володимир Зеленски соопшти дека нападот врз Киев сè уште трае и дека во текот на ноќта биле истрелани речиси 500 дронови, меѓу кои и голем број „Шахеди“, како и околу 40 ракети, вклучувајќи ги и хиперсоничните „Кинџал“.
Како што наведе Зеленски, главна цел на нападите била енергетската и цивилната инфраструктура на украинската престолнина.
„За жал, има директни удари и штети врз станбени објекти. Спасувачките екипи трагаат по лице под урнатините на една од зградите. Во делови од Киев и поширокиот регион нема електрична енергија и греење. Пожарите се гаснат, а поправките на одредени енергетски објекти веќе започнаа. На останатите локации интервенциите ќе продолжат веднаш по завршување на воздушната тревога“, напиша Зеленски на социјалните мрежи.
Украинскиот претседател истакна дека нападите се одговор на меѓународните предлози за завршување на војната.
„Денес имаше многу прашања – каде е одговорот на Русија на иницијативите за мир што ги изнесоа САД и светот? Наместо одговори, зборуваат ‘Кинџалите’ и ‘Шахедите’. Тоа е вистинската позиција на Путин и неговото опкружување“, порача Зеленски.
Според него, фактот што нападите продолжуваат и за време на божиќните и новогодишните празници покажува дека меѓународниот притисок врз Москва не е доволен.
„Ако Русија ги претвора празниците во време на уништени домови и електрани, тогаш одговорот мора да биде силен и конкретен. Америка, Европа и нашите партнери ја имаат таа можност – важно е таа да се искористи“, нагласи Зеленски.
Тој повторно апелираше за засилена и навремена поддршка, особено во делот на воздушната одбрана.
„Дипломатијата нема да функционира без безбедност. Заштитата на животите не смее да се одложува. Благодарен сум на сите земји и лидери кои стојат со Украина“, истакна украинскиот претседател, додавајќи дека во наредните денови ќе разговара со лидерите на Европа, премиерот на Канада и претседателот на САД.
Инаку, руските сили започнаа масовен напад врз Киев во ноќта меѓу 26 и 27 декември. Според градоначалникот Виталиј Кличко, во нападот се повредени 22 лица, од кои 12 се хоспитализирани, а делови од градот останаа без греење и електрична енергија.

Македонски





