Skip to main content

„Вашингтон Пост“: Иран сè уште има значајни ракетни капацитети и може да издржи со санкциите

И покрај неколкунеделните американски и израелски напади, Иран сè уште има значајни балистички ракетни капацитети и способност да издржи економски притисок најмалку три до четири месеци, покажува анализата на американското разузнавање доставена до Белата куќа, до која денеска имаше пристап „Вашингтон пост“ .

Еден американски функционер за весникот изјави дека проценките покажуваат дека способноста на Иран за долгорочен економски отпор е значително поголема од претходно проценетата од Централната разузнавачка агенција на САД (ЦИА).

Исто така, во анализата се наведува дека Иран сè уште има околу 75 проценти од своите мобилни системи за лансирање и околу 70 проценти од својот ракетен арсенал во споредба со периодот пред конфликтот.

Според истите изјави, постојат индикации дека Техеран успеал да ги обнови и повторно да ги отвори повеќето подземни складишта, да поправи дел од оштетените ракети, како и да состави нови ракети кои биле во завршна фаза на производство.

Американските функционери, исто така, проценуваат дека иранското раководство станало порадикално и решително, со зголемена доверба дека може да се спротивстави на политичкиот притисок од САД.(МИА)

Поврзани вести