Skip to main content

Вадефул: Иран не смее да се здобие со нуклеарно оружје

Шефот на германската дипломатија, Јохан Вадефул, денеска изјави дека Берлин ја поддржува целта на САД да го спречат Иран да се здобие со нуклеарно оружје и оцени дека досегашните американски акции значително ги ослабнаа иранските ракетни капацитети.

Во интервју за Блумберг, Вадефул рече дека односите меѓу Берлин и Вашингтон, и покрај несогласувањата меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и германскиот канцелар Фридрих Мерц, се уште се стабилни, оценувајќи дека тоа е „големо недоразбирање“ што ги предизвикало сегашните тензии.

„На крајот од овој конфликт, мора да биде јасно дека Иран никогаш нема да има нуклеарно оружје“, рече Вадефул.

Тој изјави дека е во постојан контакт со американскиот државен секретар Марко Рубио и верува дека двете страни ќе најдат заедничко решение.

Истовремено, Вадефул рече дека Германија го поддржува американскиот план за намалување на военото присуство во Европа, но предупреди дека повлекувањето на американските ракетни системи може да ја ослабне одбранбената способност на НАТО во однос на Русија.

„Ни требаат тука за да ставиме до знаење дека постои одвраќање“, рече германскиот министер.

Тој додаде дека Германија останува посветена на зголемување на трошоците за одбрана на пет проценти од БДП, во согласност со договорите во рамките на НАТО.

Коментирајќи ги односите во рамките на Алијансата, Вадефул оцени дека НАТО е „посилен од кога било“, наведувајќи дека се подготвува самит во Турција во јули.

„Алијансата е најуспешната одбранбена алијанса во светот и ние ќе ја браниме со сите средства“, рече тој.

Зборувајќи за Европската Унија, Вадефул нагласи дека е потребно да се забрза донесувањето одлуки и да се овозможи поголема флексибилност во донесувањето одлуки, особено во областа на безбедноста и одбраната, вклучително и укинувањето на правилото за едногласност.(МИА)

Поврзани вести