
Климатските промени би можеле да ја преобликуваат глобалната безбедност, да поттикнат глад, екстремизам и тероризам во нестабилните држави, како и да предизвикаат нови бранови миграција – предупреди денеска германскиот министер за надворешни работи Јохан Вадефул на почетокот на Конференцијата за клима и безбедност во Берлин.
Климатските промени ги продлабочуваат сиромаштијата и гладот, особено во нестабилните држави, и на тој начин можат да станат и плодна почва за екстремизам и тероризам или да доведат до бранови миграција – рече шефот на германската дипломатија.
Германскиот министер предупреди дека рекордно силниот феномен Ел Нињо, кој сè уште трае, се заканува да ги уништи средствата за живот на стотици илјади луѓе.
Во Судан, недостигот од дожд дополнително ја влошува сушата, рече тој. Во меѓувреме, ниското ниво на водата во Панамскиот Канал доведува до намалување на бројот на транзити на бродови, со што се создава дополнителен притисок врз глобалните синџири на снабдување.
Инвестициите во справувањето со климатските промени се истовремено и инвестиции во безбедноста – нагласи Вадефул.
На конференцијата учествуваат околу 250 меѓународни претставници од областа на климата, мирот и безбедноста, меѓу кои претставници на особено погодените земји, на Обединетите нации, Европската Унија и други меѓународни организации, како и научници и претставници на граѓанското општество.
Вадефул нагласи дека последиците од климатските промени не треба да се разгледуваат изолирано.
Каде и да преовладуваат војни и кризи, климатските промени дополнително ја влошуваат ситуацијата – рече министерот, додавајќи дека злонамерни актери би можеле да се обидат да ги искористат последиците од климатските промени „како оружје“.
Тој укажа на растот на глобалните цени на житото, наведувајќи дека Русија напаѓа бродови со жито во Црното Море и го прекинува снабдувањето за луѓето во светот кои особено зависат од увозот.
Ако Русија повторно намерно ја нападне енергетската инфраструктура на Украина на крајот од годината, децентрализираните обновливи извори на енергија би можеле да станат спасоносно решение – посочи Вадефул. Таквите извори би биле потешки за уништување и не би зависеле од увоз на фосилни горива.(МИА)

Македонски


