
Турски воен транспортен авион од типот Ц-130 „Херкулес“, кој полетал од Азербејџан кон Турција, денеска се урна на територија на Грузија, при што загинаа сите дваесет војници што се наоѓале во него, соопшти турската влада.
Според соопштението на турското Министерство за одбрана, авионот полетал од градот Ганџа во Азербејџан и бил на пат кон Турција кога дошло до несреќата. На социјалната мрежа „Х“ министерството објави дека причините за падот сè уште се испитуваат.
Видео снимки што ги објавија локалните медиуми покажуваат како авионот паѓа спирално, оставајќи зад себе густ бел чад.
Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган изјави дека е „длабоко растажен“ поради трагедијата и упати сочувство до семејствата на загинатите војници.
Сочувство испрати и претседателот на Азербејџан, Илхам Алиев, кој во својата порака до Ердоган напиша:
„Длабоко не погоди трагичната вест за загубата на турските воени лица во несреќата на воениот карго авион што полета од Ганџа и се урна на грузиска територија. Во овој момент на тага, ја споделувам вашата болка и, во свое име и во име на народот на Азербејџан, упатувам искрено сочувство до вас, семејствата на загинатите и братскиот народ на Турција.“
Грузиските власти соопштија дека авионот се урнал во општината Сигнаги, во близина на азербејџанската граница. Веднаш е започната заедничка операција за пребарување и спасување во координација со турските и азербејџанските власти, а истрагата е во тек.
Авионот Ц-130Е „Херкулес“ е тактички транспортен авион со четири турбопропелерски мотори, кој турските вооружени сили го користат за транспорт на персонал и логистички мисии.
‼️The Turkish Defense Ministry reported that a C-130 military transport aircraft, which had taken off from Azerbaijan, crashed in Georgia. pic.twitter.com/04g1T04ilP
— NEXTA (@nexta_tv) November 11, 2025

Македонски








