Skip to main content

Трамп ги одложи новите царини против ЕУ од 50 проценти

Printskrin: Fox News

Во царинскиот спор со ЕУ, американскиот претседател Доналд Трамп најави дека ќе ги одложи царините од 50 отсто за стоки од ЕУ, кои беа планирани да стапат на сила на 1 јуни, за нешто повеќе од еден месец. Почетокот на планираните дополнителни увозни давачки ќе се одложи до 9 јули, најави Трамп, по „многу љубезен телефонски разговор“ со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.

Трамп се согласил со барањето на Фон дер Лајен за продолжување на првичниот рок, а таа му ветила дека брз почеток на неопходните разговори.

Непосредно пред објавата на Трамп, Урсула фон дер Лајен соопшти за „добар телефонски разговор“ со Трамп.

На платформата X таа напиша дека Европската Унија и САД имаат еден од најважните и најблиските трговски односи во светот: „Европа е подготвена да ги придвижи разговорите напред брзо и решително. За да постигнеме добар договор ни треба време до 9 јули.”

Датумот го означува истекот на одложувањето што го направи Трамп во април за другите царини што тој ги најави. Овој тримесечен рок треба да се искористи за преговори. Во тој период, ЕУ исто така ќе ги суспендира планираните контрацарини за американските производи на 90 дена.

Во петокот Доналд Трамп неочекувано ѝ се закани на ЕУ со царини од 50 проценти почнувајќи од 1 јуни – и покажа мала подготвеност за компромис.

Не барам договор, порача Трамп во Белата куќа. Драстичниот чекор го оправда со заглавени преговори. Европските производи, како оние од Германија, веројатно би биле значително поскапи во САД доколку навистина се воведат високите казнени царини.

И покрај ветувањата на Трамп, се чинеше нејасно дали новите царини за увоз од ЕУ ќе стапат на сила како што беше најавено со толку краток рок. Во минатото, Трамп редовно се закануваше со високи царини и потоа често ги суспендираше.

Поврзани вести