![](https://republika.mk/wp-content/uploads/2025/02/images.jpeg)
Кинескиот претседател Си Џинпинг ја прифати поканата од неговиот руски колега Владимир Путин да присуствува на прославите по повод победата на Советскиот Сојуз над нацистичка Германија во Втората светска војна, јави денеска руската државна новинска агенција ТАСС.
Си „ја прифати поканата да учествува на прославите на 9 мај во Москва по повод 80-годишнината од победата во Големата патриотска војна“, објави агенцијата, повикувајќи се на изјавите на рускиот амбасадор во Пекинг Игор Моргулов.
Во декември, Кремљ објави дека ги поканил лидерите на „многу земји“ да се приклучат на прославите по повод 80-годишнината.
Советскиот Сојуз претрпе ужасни загуби – вкупно 27 милиони мртви – во Втората светска војна, вклучително и милиони во Украина, но на крајот ги принуди нацистичките сили на повлекување, стигнувајќи до срцето на Берлин, каде што Адолф Хитлер изврши самоубиство, а знамето на Црвената армија беше подигнато над Рајхстагот во 1945 година.
Безусловната капитулација на Нацистичка Германија која почна утрото на 8 мај 1945 година во 11:01 часот се слави како „Ден на победата во Европа“ од Франција, Велика Британија и Соединетите држави. Во Москва веќе беше 9-ти мај, а годишнината од „Денот на победата“ во она што и денес руската влада го нарекува Голема патриотска војна (1941-1945). Ова е најважниот нерелигиозен празник во рускиот календар.
Според амбасадорот Моргулов, кинескиот претседател Си го покани Путин во Кина на церемонии во таа земја по повод крајот на Втората светска војна во септември.