Skip to main content

Шолц пред состанокот во Париз повика на европско единство за поддршка на Украина

Германскиот канцелар Олаф Шолц ја повика Европа да се обедини за поддршка на официјален Киев, неколку часа пред пристигнувањето во Париз на состанок на европските лидери, на кој ќе биде разгледан заедничкиот став за мировните преговори за Украина, јави ДПА.

На предизборниот митинг во градот Касел во покраината Хесен, централна Германија, Шолц рече дека е важно да се направи се што е можно за да се гарантира дека Европа ќе остане силна и обединета.

Имаме потреба од тоа поради Украина, имаме потреба од тоа за нашата сопствена безбедност“, рече Шолц, чија германска Социјалдемократска партија (СПД) заостанува во анкетите во Германија пред претстојните сојузни избори на 23 февруари.

Францускиот претседател Емануел Макрон го организира состанокот, чија цел е да го претстави европскиот план за акција по неколкудневните хаотични изјави од администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп. На состанокот, исто така, ќе треба да се одлучи како да се одговори на барањето на САД да се разјасни дали лидерите се подготвени да ангажираат војници за мир во случај на прекин на огнот во Украина.

Елисејската палата соопшти дека состанокот е неформален, а на него ќе присуствуваат лидерите на Германија, Велика Британија, Италија, Полска, Шпанија, Холандија и Данска, како и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен и генералниот секретар на НАТО, Марк Руте. 

Поврзани вести