
Американската армија соопшти дека ликвидирала висок командант на терористичката „Исламска држава“ во Ирак при воздушен напад изведен во координација со локалните власти.
Централната команда на САД (СЕНТКОМ) потврди дека во нападот бил убиен Абдула Маки Муслих ал Рифаи, познат како Абу Хадиџа, како и уште еден член на терористичката група.
„Абу Хадиџа беше еден од главните оперативни лидери на Исламска држава, одговорен за глобалните операции, логистика и финансии на групата“, се наведува во соопштението.
Командантот на СЕНТКОМ, генерал Мајкл Ерик Курила, порача дека САД ќе продолжат да ги елиминираат терористите што претставуваат закана за американските интереси и сојузниците.
Претседателот на САД Доналд Трамп на својата платформа „Трут соушал“ напиша дека Абу Хадиџа бил „немилосрдно ловен“ и дека неговиот „мизерен живот е окончан во успешна мисија на американските сили“. „МИР ПРЕКУ СИЛА!“, додаде Трамп.
Ирачкиот премиер Мохамед Шија ал Судани вчера соопшти дека е ликвидиран лидерот на џихадистичката организација Исламска држава во Ирак и Сирија, кој „се смета за еден од најопасните терористи во Ирак и во светот воопшто“.