Доналд Трамп потпиша извршна наредба за почеток на повлекувањето на САД од Светската здравствена организација (СЗО). Тоа беше една од десетиците извршни наредби што Трамп ги потпиша на првиот ден на функцијата.
Трамп и во својот прв мандат нареди повлекување на САД од СЗО. Тој беше критичен кон начинот на кој СЗО се справуваше со ковид-19 и го почна процесот на повлекување за време на пандемијата. Џо Бајден подоцна ја поништи оваа одлука.
„Толку многу сакаа да се вратиме, па ќе видиме што ќе се случи“, кажа Трамп.
Во наредбата стои дека „повлекувањето се должи на лошото справување на организацијата со пандемијата на ковид-19, која почна во Вухан, Кина и со други глобални здравствени кризи, нејзината неспособност да се реформира и неможноста да демонстрира независност од политички влијанија“. Трамп исто така критикуваше што САД уплаќаат премногу пари во СЗО.
Во времето на Бајден, САД продолжија да бидат најголемиот финансиер на СЗО и во 2023 покрија една петина од нејзиниот годишен буџет, кој изнесува 6,8 милијарди долари.