
Вечерва со почеток во19 часот во македонскиот Културно-информативен центар во Белград ќе биде промовирана стихозбирката „Ткажалки“ од Александра Јуруковска, добитничка на наградата „Даница Ручигај“ на Друштвото на писателите на Македонија за 2025 година. Настанот е замислен како разговор со авторката, а ќе го води новинарката Сребра Ѓорѓијевска.
„Ткажалки“ е прва поетска книга на Александра Јуруковска, за која критиката ќе напише:
– Веќе со својот поетски првенец, авторката успева да воспостави мост меѓу личното и универзалното, што претставува несомнен естетски квалитет. Од друга страна, нејзините песни не се само лирски обраќања до загубеното, туку се и женски отпор, сведоштво и внатрешна борба против заборавот. Оттаму и една мошне суптилна ангажирана нота вткаена во зборовите, но и во тишините на песните поместени во Ткажалки – подвлекува универзитетската професорка и критичарка Лидија Капушевска-Дракулевска.
Во одлуката на жири комисијата за минатогодишната награда „Даница Ручигај“ на ДПМ, беше потенцирано и дека поетскиот јазик во триесетината песни на „Ткажалки“ е сплетен претежно од зборови карактеристични за нашата современост, но и со зборови што произлегуваат од нашата јазична традиција, обојувајќи ги стиховите со своевидна патина. На тој начин авторката внесува лична нота во современата македонска поезија.
Александра Јуруковска е книжевна критичрка, новинарка и промоторка на културата. Автор е на книгите: Ткаење на текстот (новинска критика; Силсонс, 2014), Медиумскиот егзил на книжевноста (интермедијалната студија; Авант прес, 2018) и 2 минути и 40 реда (радио и новинска критика; ПНВ публикации, 2020). Објавува критика и есеистика во најзначајните домашни и регионални списанија за литература, култура и културолошки истражувања, како и на неколку специјализирани портали. Работи во Националната и универзтитетска библиотека „Свети Климент Охридски“ во Скопје, а на македонската културна и книжева сцена е присутна цели 25 години.
На 6 октомври Јуруковска и Ѓорѓијевска ќе учествуваат на панел за видливоста на културата во македонскиот и српскиот контекст што ќе го модерира директорот на КИЦ-Белград, Васко Шутаров.
Проектот „Ткажалки“ во македонскиот КИЦ во Белград е поддржан од Министерството за култура и туризам како дел од меѓународната промоција на современото македонско литературно творештво, јазик и култура.

Македонски


