Skip to main content

Револуционерната гарда се заколна на верност на ајатолахот Моџтаба Хамнеи

Иранската револуционерна гарда (ИРГЦ) му честиташе на Моџтаба Хамнеи за неговиот избор за нов врховен лидер на Иран и изрази целосна лојалност кон неговото раководство, откако тој беше избран на таа позиција од страна на Советот на експерти, објавија иранските државни медиуми.

Исламската револуционерна гарда (ИРГЦ) соопшти дека изразува „искрена и доживотна лојалност“ кон Моџтаби Хамнеи, нагласувајќи дека ќе „ги слуша наредбите и ќе биде подготвена да ги изврши“, објави Ал Џезира.

Иранската новинска агенција Тасним, исто така, пренесе порака од Револуционерната гарда, велејќи дека организацијата прогласила „почит, лојалност и послушност кон оној што го избрале експертите за раководство“.

Во соопштението објавено од државните медиуми се вели дека одлуката на 88-членото Собрание на експерти покажува дека „движењето на исламскиот систем не запира и дека револуцијата и исламскиот поредок не зависат од поединци“.

Се додава дека изборот на Моџтаба Хамнеи претставува „нова зора и почеток на нова фаза во Исламската Република Иран“.

Претходно, иранскиот Совет на експерти, телото одговорно за избор на врховен лидер на земјата, го избра ајатолахот Сејед Моџтаба Хамнеи за трет врховен лидер на Исламската Република Иран со големо мнозинство, објави новинската агенција Тасним.

Во соопштението на иранскиот Совет на експерти се вели дека изборите се одржале веднаш по дознавањето за смртта на врховниот лидер, ајатолахот Али Хамнеи и други истакнати команданти и цивили, „и покрај тешките воени услови и директните закани од непријателот“.

Советот на експерти ја нагласи важноста на континуитетот на лидерството и важноста на почитувањето на Уставот и внатрешните правила во процесот на избор на лидер, за да не остане земјата без лидерство.

„Изборот на Моџтаба Хамнеи беше спроведен во согласност со принципите на исламското право и Уставот, а Советот на експерти ги повикува сите граѓани и елитата на општеството да му понудат лојалност на новиот лидер и да го зачуваат единството на државата“, се вели во соопштението.

Новиот врховен лидер на Иран беше избран откако претходниот лидер, ајатолахот Али Хамнеи, беше убиен на почетокот на американско-израелските напади врз Иран на 28 февруари.

Поврзани вести