Skip to main content

Разговорот Трамп–Путин предизвика загриженост во Киев пред средбата Трамп–Зеленски

Телефонскиот разговор меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и рускиот претседател Владимир Путин предизвикал сериозна загриженост кај украинските власти, непосредно пред најавената средба меѓу Трамп и украинскиот претседател Володимир Зеленски, објавува „Фајненшл тајмс“, повикувајќи се на извори запознаени со состојбата.

Според луѓе блиски до украинскиот претседател, разговорот не придонел за позитивна атмосфера во тимот на Зеленски.

„Ќе биде тешко сега“, изјавил еден од изворите, алудирајќи на стравувањата дека ставовите на Вашингтон би можеле да бидат под силно влијание на Москва.

Загриженоста кај Киев се темели и на претходни искуства. Советниците на Зеленски потсетуваат на средбата со Трамп во октомври, која исто така била претходена од телефонски разговор меѓу американскиот и рускиот претседател. Според истите извори, веќе следниот ден, на состанокот во Белата куќа, Трамп покажал отворена фрустрација кон украинската делегација, инсистирајќи Украина да се откаже од источниот регион Донбас.

Како што наведуваат изворите, американскиот претседател тогаш повторувал аргументи и позиции што претходно ги изнел Путин, што дополнително ја засилило недовербата кај украинската страна.

Во меѓувреме, Доналд Трамп јавно соопшти дека имал „добар и многу продуктивен телефонски разговор“ со Владимир Путин, непосредно пред самитот меѓу САД и Украина.

„Тукушто имав добар и многу продуктивен телефонски разговор со претседателот Путин на Русија пред мојот состанок, денес во 13:00 часот, со претседателот Зеленски на Украина“, напиша Трамп на својата платформа Truth Social.

Од руската страна, пак, е соопштено дека Москва нема да прифати какви било измени на мировниот план што САД го подготвиле есента, а кој, според повеќе извори, бил изработен со значително учество на Русија.

Во тој контекст, разговорот меѓу Трамп и Путин се оценува како клучен фактор што може да ја одреди атмосферата и можниот исход од разговорите меѓу Вашингтон и Киев, во чувствителен момент кога Украина се обидува да обезбеди поцврста меѓународна поддршка и јасни безбедносни гаранции.

Поврзани вести