Skip to main content

Работете од дома, возете помалку, користете јавен превоз – итни препораки од меѓународната агенција за енергетика

Freepik

Работа од дома, повеќе јавен превоз или споделено возење, пониски брзини на автопатите – ова се дел од итните препораки што ги издаде Меѓународната агенција за енергетика во обид да се намали потрошувачката на нафта.

Агенцијата предупредува дека светот влегува во сериозна енергетска криза, предизвикана од воените тензии на Блискиот Исток, и ги повика владите, компаниите и граѓаните веднаш да реагираат, пред цените на горивата да излезат од контрола.

Европа веќе се подготвува за нов ценовен удар. Европската комисија им препорача на земјите членки намалување на даноците за електрична енергија и субвенционирање на цените, како први чекори за ублажување на последиците.

Во регионот, мерките веќе се конкретни. Србија најави ново намалување на акцизите за горивата за 40 проценти, со што вкупното кратење достигнува 60 проценти, а паралелно ќе бидат пуштени и 40 илјади тони од државните резерви. Во Хрватска, владата повторно ќе одлучува за ограничување на цените на горивата, додека Грција веќе ги замрзна трговските маржи – не само за горивата, туку и за дел од основните производи во супермаркетите.

Македонија, засега, без конкретни мерки.

Опозициската СДСМ излезе со пакет антикризни предлози: намалување на ДДВ за горивата од 18 на 5 проценти, кратење на акцизата за 4 денари по литар, укинување на ДДВ за основните прехранбени производи и преполовување на патарините.

Од партијата предупредуваат дека, доколку ескалира кризата на Блискиот Исток, цената на нафтата може да порасне и до 80 проценти, што би значело нов бран на сиромаштија и сериозен удар врз животниот стандард.

„Недозволиво е цените секојдневно да растат, а Владата да не презема ништо за заштита на граѓаните“, велат од СДСМ, обвинувајќи за неактивност и одбивање за зголемување на платите.

Од ВМРО-ДПМНЕ возвраќаат дека СДСМ, додека биле на власт, ја зголемиле акцизата на горивата три пати и дека сегашните барања се спротивни на законските одредби.

„Законот јасно предвидува намалување на акцизата за 4 денари само во услови на криза и при цена на нафта над 1200 долари по тон. Во моментов тие услови не се исполнети. Состојбата се следи и ќе се реагира соодветно“, соопштуваат од владејачката партија.

Министерката за финансии, пак, оценува дека не може механички да се преземаат мерките од соседството, посочувајќи дека Македонија има пониски акцизи и пониски цени на горивата во споредба со дел од регионот.

„Не можеме да ги споредуваме состојбите. Во Србија акцизата е речиси двојно повисока, а цената на горивата надминува 100 денари по литар. Кај нас инфлацијата е стабилна, а Владата навремено презема активности преку координација со компаниите и трговците“, изјави Кочоска.

Експертите предупредуваат дека вистинските економски последици допрва ќе се почувствуваат – веќе во наредната недела – и апелираат за формирање кризен штаб кој на дневна основа ќе ја следи состојбата.

Во меѓувреме, цените на нафтата на светските берзи остануваат нестабилни и се движат околу 110 долари за барел. Како тоа ќе се одрази врз домашниот пазар ќе стане појасно во понеделник, кога Регулаторната комисија ќе ги соопшти новите цени на горивата.

Поврзани вести