Американскиот претседател Доналд Трамп го именува Мајкл Елис, правен советник во компанијата Рамбл на бизнисменот Крис Павловски, за заменик директор на Централната разузнавачка агенција ЦИА. Елис беше дел од делегацијата предводена од Павловски која ја посети Македонија во јули, а се сретна со премиерот Христијан Мицкоски и при неговата посета на Вашингтон за време на инаугурацијата на Трамп.
Задоволство ми е да го најавам именувањето на Мајкл Елис како заменик директор на Централната разузнавачка агенција. Во мојот прв мандат, Мајкл работеше во Националниот совет за безбедност на Белата куќа, и помогна да се разоткријат примери на злоупотреба на разузнавачките процеси од страна на администрацијата на Обама, со што започна лажната хајка „Русија, Русија, Русија“. Мајкл беше и главен советник на Комисијата за разузнавање на Претставничкиот дом на Конгресот под Девин Нунес, како и главен советник на Националната агенција за безбедност, пред на корумпиран начин да биде отстранет од таму од администрацијата на Бајден. Мајкл е паметен и високо почитуван правник кој дипломираше на универзитетот Јеил и колеџот Дартмут. Тој е правен советник на Рамбл, компанија за социјални медиуми вредна милијарди долари која силно го штити правото на слобода на говор. Тој ќе работи со нашиот фантастичен директор на ЦИА, Џон Ретклиф, ќе ја среди ЦИА, и повторно ќе ја направи најголемата разузнавачка агенција во светот. Честитки Мајкл!, порача Трамп во порака на социјалната мрежа Трут Соушл.
Трамп веќе го именуваше поранешниот конгресмен Нунес за негов советник за разузнавачки прашања, и го задолжи да спроведе реформа на разузнавачките служби. Трамп ги обвинува директорите на разузнавачките служби како ЦИА и НСА за политизирање на нивната работа и за прислушкување на функционери од изборниот штаб на Трамп и неговиот кабинет.
Со постојаните обвинувања на Трамп дека имал наводни некоректни контакти со Русија, разузнавачките служби предизвикаа низа потреси во неговата прва администрација и ја оневозможуваа да се фокусира на спроведување на својата агенда, обвинуваат луѓе од кругот на Трамп. Поради тоа, реформа на разузнавачките служби е еден до врвните приоритети во новиот мандат на претседателот Трамп.