Skip to main content

Потона брод со мигранти меѓу Малезија и Тајланд, стотици се водат како исчезнати

Стотици мигранти и натаму се водат како исчезнати откако пред неколку дена потона брод во водите во близина на границата меѓу Малезија и Тајланд. Досега од водата се извлечени само 10 преживеани и телото на една жртва, соопштија малезиските поморски власти.

Адмирал Ромли Мустафа, директор на поморската администрација во северните малезиски држави Кедах и Перлис, изјави дека е можно да се откријат повеќе жртви во морето три дена по потонувањето на големиот брод на кој имало околу 300 луѓе, а кој испловил од градот Бутидаунг во Мјанмар.

Меѓу преживеаните пронајдени во водите во близина на малезискиот остров Лангкави се тројца мажи од Мјанмар, двајца Рохинџи и еден маж од Бангладеш. Телото на жртвата е на жена од Рохинџа, објави малезиската национална новинска агенција Бернама, повикувајќи се на Адзли Абу Шах, директор на полицијата во државата Кедах.

Припадниците на муслиманското малцинство Рохинџа периодично бегаат од доминантно будистичкиот Мјанмар, каде што се сметаат за јужноазиски натрапници, им се ускратува државјанството и се подложени на прогон.

Според полицискиот директор, мигрантите кои патувале за Малезија првично се качиле на поголем брод, но кога се приближиле до границата, им било наредено да се префрлат на три помали чамци, од кои секој превезувал околу 100 луѓе, со цел да се избегне апсење од страна на малезиските гранични власти.

Абу Шах додаде дека локацијата и состојбата на другите два чамца сè уште не се познати, а операцијата за пребарување и спасување продолжува.

Поврзани вести