
Американскиот претседател Доналд Трамп соопшти дека од 1-ви август ќе бидат имплементирани давачки од 25 отсто за производите од Јапонија и Јужна Кореја, објави денес агенцијата Блумберг.
Овие давачки за Јапонија и Јужна Кореја, објавени на платформата ТruthSocial, во голем дел се во согласност со неговите претходни најави за воведување царини за овие две држави.
По одложување од 90 дена на таканаречените реципрочни царини, кои првично ја погодија Јапонија со 24 отсто, а Јужна Кореја со 25 отсто, Трамп ги намали тие царини на 10 отсто со цел да се овозможи време за преговори.
Во своите писма, Трамп ги предупреди државите да не преземаат контрамерки, изјавувајќи дека САД ќе возвратат со нови давачки.
„Ако од која било причина одлучите да ги зголемите царините, тогаш бројот за кој ќе ги зголемите ќе се додаде на 25-те проценти што ги наплаќаме“, рече Трамп.