Skip to main content

Милановиќ: Руските средства се суверена сопственост и не се чепкаат

Facebook Zoran Milanović

Хрватскиот претседател Зоран Милановиќ денеска во Братислава предупреди дека зад ставот „Украина да не прифати“ нешто во мировните преговори, што, како што рече, го слуша од многумина „што се прават паметни“ од ЕУ, стојат уште неколку стотици мртви.

Немам храброст да давам совет на кој било народ што да прави во такви моменти. Она што сигурно го знам е дека цената на таквото размислување ќе се брои во глави и животи на Украинци и Руси, а не на Германци и Французи, изјави Милановиќ.

Хрватскиот претседател на овој начин го коментираше предлогот за можни територијални отстапки што Украина би била подготвена да ги разгледа со цел да се стави крај на војната.

Милановиќ во Братислава се сретна со претседателот на Словачка, Петер Пелегрини, претседателот на Владата, Роберт Фицо, и претседателот на Националниот совет, Ричард Рашиј.

Лесно е да се мавта и да се замавнува со сабја или да се фрла копје што на крајот не паѓа врз твојата куќа или градина, рече Милановиќ, истакнувајќи дека „територијалните отстапки и територијалните концесии, што Украина треба да ги направи, се работа на Украина.

Тој посочи дека секој совет во насока „прифатете или не прифатете“ „всушност има една ѓаволска црта во себе“.

Зад таков став – немојте да прифатите, на пример, што го слушам од многу што се прават паметни во Европската Унија, стојат уште неколку стотици трупови, оцени Милановиќ.

Хрватскиот претседател истакна дека политичкиот момент и политичкиот период во кој се наоѓа Европа е критичен.

Словачка и луѓето што ја водат се некои од оние со кои може отворено да се разговара за тоа. Затоа што, реално, ние немаме пристап до информации. Некои ги чуваат тие информации за себе и тоа е реалноста во која живееме, рече Милановиќ, коментирајќи ги состаноците што ги имал со лидерите на Република Словачка.

Милановиќ посочи дека смета оти одредени сили, држави и кругови туркаат одлуки кои се штетни и опасни за Европа и европските држави.

Европската Унија, Комисијата и европските институции се тела кон кои – во однос на нив и она што го зборуваат, преземаат и прават – секогаш треба да имаме креативна скепса, наведе хрватскиот претседател.

Појасни дека смета оти тоа е основниот пристап кон бирократијата и кон оние кои се именувани, односно „не се демократски избрани“.

Тој, исто така оцени дека замрзнатите руски средства се суверена сопственост и не се чепкаат, а ако требало да се чепкаат, тоа требало да се направи во првата година од војната.

Милановиќ го кажа ова одговарајќи на прашањето за употребата на замрзнатиот руски имот за финансирање на репарациски заем за Украина.

Руските средства се руска суверена сопственост и тоа не се чепка, а ако се чепка, тоа требаше да се направи првиот ден или во првата година од војната. Фактот што тоа не е направено во првата година од војната, туку на истекот на четвртата година од војната, зборува за логичката и аргументациска неодржливост на тоа, тврди Милановиќ.

Тој рече дека нема да каже дека е против тоа, но дека против се Европската централна банка и низа актери затоа што се свесни до каде тоа води.

Она што ме фасцинира е неодговорноста на една група луѓе што во моментов издаваат наредби, бидејќи знаат дека за тоа утре нема да одговараат, рече Милановиќ. – Тоа е едно од проклетствата на демократскиот систем што го познаваме и од кој нема подобар. Тој често дозволува пристап – по мене потоп, не ми е грижа што ќе биде по мене, кој ќе ги враќа тие стотици милијарди евра, како на крајот војната навистина ќе заврши, истакна претседателот на Хрватска.

Поврзани вести