
„Се надевам дека Ангела Меркел наскоро ќе ја прегази автобус“. Овие мрачни фантазии потекнуваат од пенкалото на поранешниот советник на американскиот претседател Доналд Трамп, Стив Бенон, и се дел од новообјавените делови од т.н. Епстинови досиеја.
ерманскиот неделник Шпигел пренесува дека меѓу стотиците илјади мејлови и разговори се наоѓаат и делови што се занимаваат со состојбата во германската политика.
Бенон против Германија
Станува збор за разговори на Џефри Епстин, кој во меѓувреме почина, со повеќе лица за актуелната германска политика. Во тие разговори, пред сè со Бенон – поранешниот советник на Трамп, Епстин негативно се изразува за тогашната канцеларка Ангела Меркел – а, слично како и подоцна личности од влијателната сфера околу Трамп, како Илон Маск, позитивно гледа на подемот на десничарската Алтернатива за Германија (АфД).
Во пресрет на изборите за Европскиот парламент, Бенон и Епстин фантазираат за зајакнување на десницата во Европската Унија, врз која Бенон, според една преписка со Епстин, има „големо влијание“. Покрај тогашниот Национален фронт во Франција, Бенон ги споменува и италијанскиот десничар Матео Салвини, Британецот Најџел Фараж и германскиот АфД.
За Епстин и Бенон, победата на десничарите на изборите за Европскиот парламент е важна за да се спречат правилата што ЕУ ги подготвувала во врска со криптовалутите. „Така ќе можеме да спречиме каква било крипто-регулатива или што нешто друго што го сакаме“, напишал Бенон. Десничарските фракции во Европскиот парламент се противеле на планираната регулатива за криптовалутите.
АфД во центарот на вниманието
Стив Бенон во повеќе наврати се среќавал и со лидерите на Алтернатива за Германија, меѓу кои и со сегашните копретседатели Алис Вајдел и Тино Крупала. Тие дури го поканиле Бенон, тогаш веќе поранешен советник на Доналд Трамп, како гостин во Бундестагот – но таквата посета никогаш не се остварила.
Пратеникот на владејачката Христијанско-демократска унија (ЦДУ), Јоханес Фолкман, инаку внук на поранешниот германски канцелар Хелмут Кол, по откривањето на документите оцени дека е видливо „јасно влијание на САД врз АфД“.
„Сигурно не е случајно што пратениците на АфД гласаа против прописот за контрола на криптовалутите“, напиша Фолкман на платформата Икс.
„Падна Меј, ќе паднат и Меркел и Макрон“
Една друга електронска преписка меѓу Епстин и Бенон покажува нетрпеливост кон европските политичари. По оставката на британската премиерка Тереза Меј во мај 2019 година, пред изборите за Европскиот парламент, Епстин во еден мејл го пофалува Бенон, убеден дека таа оставка е „заслуга на Бенон“. Бенон му одговара: „Меј си замина, Меркел и Макрон ќе си заминат во понеделник“, алудирајќи дека германската канцеларка и францускиот претседател ќе дадат оставки по успехот на десничарите.
Како што понатаму пишува Шпигел, меѓу документите се наоѓа и една црно-бела фотографија, на која наводно е Ангела Меркел како млада, и тоа гола. Фотографијата веќе подолго време кружела на интернет, а до Епстин ја испратил бизнисмен од Емиратите со напомена „млада Ангела Меркел“. Веќе тогаш било познато дека фотографијата нема никаква врска со поранешната германска канцеларка.
Извор: DW/ Автор: Ненад Крајцер

Македонски



