
Германскиот канцелар Фридрих Мерц денеска изјави дека Германија има потреба нејзината Федерална разузнавачка служба (БНД) да работи на ниво што ја одразува големината и економската тежина на земјата, со цел да се справи со хибридните напади од сè поагресивните соперници.
Британските медиуми пренесуваат дека Мерц во говор по повод инаугурацијата на Мартин Јегер (61) за шеф на БНД, рече дека темелите на европската безбедносна архитектура, која со децении обезбедуваше мир, слобода и просперитет, станаа кревки.
-Ретко кога во Германија од Втората светска војна безбедносната ситуација била толку сериозна. Секој ден се браниме од хибридни напади врз нашата инфраструктура – саботажи, шпионажа, дезинформациски кампањи. Повторно имаме системски соперници и противници, и тие стануваат сè поагресивни, рече Мерц, без конкретно да именува ниту една земја или организација.
За да се спротивстави на ова, додде тој, Германија треба да биде попроактивна и има потреба од знаењето на силна цивилна, воена и техничка странска разузнавачка агенција.
-Со оглед на одговорноста што ја носиме во Европа, со оглед на нашата големина и економска сила, нашата цел е да обезбедиме БНД да работи на највисоко ниво во однос на разузнавањето, рече Мерк.
Јегер, доага на местото на Бруно Кал, а последна функција од 2023 година му беше амбасадор во Украина, кога Германија стана втор најголем снабдувач на оружје за Киев за борба против руската инвазија.