Skip to main content

Мелони сака законска одредба дека златните резерви ѝ припаѓаат на нацијата – опозицијата стравува од масовна продажба

facebook Giorgia Meloni
facebook Giorgia Meloni

Партијата на италијанската премиерка Џорџија Мелони предлага внесување специјална одредба во новиот Закон за буџет, со која би се утврдило дека државните златни резерви се „сопственост на италијанскиот народ“. Опозицијата и дел од економските експерти предупредуваат дека зад ваквиот потег може да се крие подготовка за масовна продажба на злато со цел покривање на дел од државниот долг или финансирање социјални трошоци.

Италија располага со 2.452 тони злато – трет најголем износ во светот, по Соединетите Американски Држави и Германија. Според проценките на Банката на Италија, вредноста на резервите изнесува околу 285 милијарди евра.

Од Фратели д’Италија објаснуваат дека одредбата има симболичен карактер и треба да покаже дека златото е резултат на трудот и богатството создадено од италијанските граѓани.

„Тоа злато отсекогаш било сопственост на народот на Италија“, рече сенаторот Лусио Малан.

Банката на Италија, пак, истакнува дека златото е составен дел од официјалните девизни резерви. Според институцијата, резервите се гаранција за стабилноста на италијанскиот финансиски систем и на еврото, како и за исполнување на јавните функции на централната банка.

Но, прашањето за сопствеништвото на златото е тема на политички пресметки веќе една деценија. Промените во структурата на Банка д’Италија пред десет години овозможија комерцијални банки и други финансиски институции да станат номинални акционери, што Мелони претходно го нарече „експропријација на монетарниот суверенитет“.

Премиерката и во парламентот предупреди дека златните резерви не смеат да бидат „допрени од новите сопственици на централната банка“.

Европската централна банка накратко соопшти дека е информирана за предложената измена и дека ја анализира нејзината содржина.

Во академските кругови, дел од економистите сметаат дека новата правна формулација би можела да ја олесни продажбата на златните резерви со цел да се ублажи товарот од јавниот долг или да се финансираат здравството и образованието.

„Системското намалување на златните резерви за да се стабилизираат јавните финансии испраќа јасен сигнал: стигнавме до точка кога мора да продаваме злато бидејќи нема други извори“, напиша поранешниот генерален директор на централната банка Салваторе Роси во „Ла Стампа“.

Опозицијата реагира дека иницијативата претставува маневар кој го одвлекува вниманието на јавноста од „катастрофалниот раст на трошоците за живот“ и од суштинските економски проблеми што ги засегаат италијанските граѓани.