Skip to main content

Лавров: Двосмисленото однесување на Франција го поткопува дијалогот за мир во Украина

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров изјави дека Франција неколкупати преку тајни канали стапила во контакт со Москва за да разговара за ситуацијата во Украина, но без вклучување на Киев во преговорите.

Нашите француски колеги неколкупати нè контактираа преку затворени канали… Но, без Украина, рече Лавров во интервју за неколку медиуми.

Оваа изјава предизвика немир во дипломатските кругови, а Франција веднаш реагираше, инсистирајќи дека Русија мора да ја преземе целосната одговорност за војната која ја започна и дека мирот може да се постигне само според условите што ќе ги одреди Украина.

Руските власти се навикнати да даваат непромислени изјави со цел манипулација со војната на агресија, за која тие сносат целосна одговорност. Ако Русија сака мир, треба да ја запре војната – изјави француски дипломат, кој побарал да не биде именуван.

Тој, во изјава за Политико нагласи дека ставот на Франција од почетокот на војната е јасен – Украина, како нападната земја, има право да ги одреди времето и условите за преговори.

Украина предложи формула за мир, која Франција ја поддржува. Мирот постигнат без Украина никогаш нема да биде траен, додаде тој.

Лавров, критикувајќи ја француската позиција, го оцени ставот на Париз како „двосмислен“, посочувајќи на иницијативата на францускиот претседател Емануел Макрон за воведување мировни сили во поствоена Украина.

Таквото двосмислено однесување не влева доверба ниту создава желба сериозно да ги разгледуваме предлозите на нашите француски колеги, рече Лавров.

Макрон минатиот месец го коментираше телефонскиот разговор меѓу германскиот канцелар Олаф Шолц и рускиот претседател Владимир Путин, наведувајќи дека „иницијативите се секогаш позитивни“, но и дека „Путин не сака мир и не е подготвен за преговори“.

Поврзани вести