
Шеснаесет годишниот мандат на Виктор Орбан во Унгарија заврши во неделата, со изборниот пораз на неговата партија Фидес. Неочекувано високата излезност на изборниот ден, која достигна малку под 80 проценти, на крајот излезе во полза на новоформираната партија Тиса на Петар Маѓар, која убедливо победи на изборите.
Со обработени 97 проценти од гласовите, Тиса освои 138 места во унгарскиот Парламент, додека Фидес има само 55 (шест места ќе освои десничарската партија Ми Хазанк). Тиса ќе има неколку пратенички места повеќе од потребното за двотретинско мнозинство, со кое ќе може да смени голем број функционери во судството и регулаторните тела.
Бргу по објавувањето на првичните резултати од мал број избирачки места, премиерот Виктор Орбан им се обрати на своите поддржувачи и го призна поразот.
Изборниот резултат е болен за нас, но е јасен. Граѓаните не ни ја дадоа одговорноста и можноста да владееме и затоа и честитав на победничката партија. Два милиона и петстотини илјади гласачи ни ја изразија довербата. Да им испратиме порака дека никогаш нема да ги изневериме. Во изминатите 30 години сите ние тука поминавме низ многу тешки и лесни мигови, убави и тажни години, и сите во оваа соба и во целата земја знаат дека никогаш нема да се откажеме. Никогаш, никогаш не се откажуваме, порача Орбан на собирот на партиското раководство и поддржувачите.
Ова е вторпат Орбан да ја напушта позицијата премиер на Унгарија – неговиот прв мандат траеше од 1998 до 2002 година, а по осум години во опозиција, Орбан се врати на власт во 2010 година и се одржа 16 години, во текот на кои стана водечки десничарски лидер во Европа.
Додека Орбан го држеше својот кус проштален говор, на плоштадот Батањи на брегот на Дунав – спроти унгарскиот Парламент – почнаа да се собираат десетици илјади главно млади поддржувачи на партијата Тиса. Преку големиот видео бим тие бурно реагираа секогаш кога ќе дојдеше вест дека некој од кандидатите на Тиса победил во директно соочување со кандидатите на Фидес. Плоштадот бргу се преполни па дел од поддржувачите на Петар Маѓар со метро се префрлија од другата страна на реката, пред унгарскиот Парламент, каде што во тек беше техно концерт на културниот центар Турбина. Иако формално непартиски настан, концертот бргу се претвори во втор паралелен митинг на поддржувачите на Тиса, кои скандираа пароли против Орбан и Фидес.
На собирот на Батањи се обрати и Петар Маѓар, кој потврди дека Орбан му се јавил да му честита на победата.
Како што ветивме и се надевавме, денеска Унгарија и милиони Унгарци повторно испишаа историја. На истиот ден кога пред 23 години гласавме на референдумот за влез на Унгарија во ЕУ. Демократска Унгарија никогаш не видела толку многу луѓе да излезат да гласаат, порача Маѓар, кој доби малку над три милиони гласови.
Идниот премиер на Унгарија најави дека ќе воспостави систем на контрола на власта и ќе спроведе смени во Уставниот суд, на други позиции во судството и обвинителството, во ревизорските служби.. Маѓар рече дека Унгарија веднаш ќе се приклучи кон обвинителската служба на Европската Унија со која ќе почнат процеси за истражување на корупција во земјата и вети дека „Унгарија отсега ќе биде лојална и конструктивна членка на ЕУ и НАТО“.
Последното ветување е најава за прекин на политиката на Орбан, кој, во соработка со други средноевропски држави како Словачка, Чешка и Полска, поставуваше самостоен политички пат, поради што постојано беше на удар на Брисел.
Маѓар најави дека првата посета ќе му биде на Полска, за што веќе се договорил со премиерот Доналд Туск – Владата на Туск отворено го поддржуваше Маѓар, додека полскиот претседател Карол Навроцки ја посети Будимпешта да му изрази поддршка на Орбан.
Една од првите честитки на Маѓар дојде од претседателката на Европската Комисија Урсула фон дер Лајен, која на унгарски порача дека „Унгарија денеска ја одбрала Европа“.
Во Брисел не криеја дека посакуваат победа на поранешниот европратеник и унгарски претставник во Европската Унија, Маѓар. Унијата со години го обвинува Орбан дека ги нарушува демократските вредности и владеењето на правото, поради што блокираше значителни средства кои требаше да и следуваат на Унгарија, а воведе и дневна казна од милион евра поради одбивањето на Орбан да прими одредена квота мигранти од другите членки на ЕУ.
Овие постапки на Унијата предизвикаа реакција и од Вашингтон, каде администрацијата на Трамп му изрази поддршка на Орбан и ја обвини Унијата за мешање во внатрешните работи на Унгарија со ускратувањето на помошта, пристрасните обвинувања за недемократски практики и цензура на социјалните мрежи со цел да му се помогне на Маѓар.
Освен Фон дер Лајен, честитки до Маѓар упатија и германскиот канцелар Фридрих Мерц, францускиот претседател Емануел Макрон, Џорџа Мелони од Италија и низа други европски лидери. Честитка упати и украинскиот претседател Володимир Зеленски, кој очекува дека Унгарија сега ќе престане да го блокира големиот пакет на ЕУ за финансирање на војната. Своето задоволство не го криеја ниту американски политичари и активисти кои честопати беа во конфликт со политиките на Орбан, како Хилари Клинтон и Александар Сорос.
Од друга страна, Илон Макс, пак, на својата мрежа Икс објави дека „организацијата на Сорос ја презема Унгарија“.
Маѓар, сепак, најави и дека ќе зачува некои од политиките на Орбан, пред се во контрола на миграцијата.
Како поранешен висок функционер на партијата Фидес (и сопруг на поранешната министерка за правда на Фидес, Џудит Варга, со која помина низ тежок развод и во текот на кампањата разменуваше сериозни обвинувања од лична природа) Маѓар својата партија ја претстави како десничарско движење кое може да привлече дел од гласачите на Орбан.
Маѓар воедно најави дека на сила ќе останат социјалните програми кои Орбан ги воведе за поттикнување на наталитетот и поддршка на семејствата и постарите.
Извор: МИА

Македонски


