
Официјален Пекинг соопшти дека останува отворен за преговори со американскиот претседател Доналд Трамп, но дека ќе продолжи да ги брани своите интереси.
Вратата за дијалог е отворена, но тој мора да се заснова на меѓусебно почитување и да се води на еднаков начин, изјави денеска портпаролката на Министерството за трговија на Кина.
Таа додаде дека Кина, исто така, ги повикала САД „да се најдат на половина пат“, иако и самата е подготвена „да се бори до крај“, рече таа.
Некои медиуми претходно јавија дека кинеските лидери ќе се состанат подоцна денеска за да разговараат за дополнителни стимулативни мерки за зајакнување на економијата.
Кина ги зголеми царините за американските стоки на 84 отсто, додека американските царини достигнаа 125 отсто.
Кинеските државни фондови веќе се распоредени за купување акции за да се стабилизира нејзината берза и да се спречи распродажба од страна на инвеститорите додека се зголемуваат царините меѓу САД и Кина, но ќе бидат потребни дополнителни мерки доколку царините останат во сила.