Skip to main content

Кинеското Министерство за трговија блокира санкции на САД против пет кинески рафинерии

Hengli Petrochemical

Кинеското Министерство за трговија денеска соопшти дека издало забрана со цел да се блокираат американските санкции воведени за пет кинески рафинерии кои САД ги обвинуваат за купување иранска нафта, пренесува Синхуа.

Како што се наведува, кинеското министерство забрани какво било признавање, наметнување или усогласување со американските санкции кои се воведени за пет кинески компании врз основа на нивната наводна вмешаност во трансакции со иранска нафта. Американските санкции го кршат „меѓународното право и основните норми на меѓународните односи“, наведува министерството. Како резултат на тоа, како што се додава, се воведува забрана.

Министерството прецизираше дека станува збор за рафинеријата Hengli Petrochemical (Dalian) и рафинериите Shandong Jincheng Petrochemical Group, Hebei Xinhai Chemical Group, Shouguang Luqing Petrochemical и Shandong Shengxing Chemical.

Во април, американското Министерство за финансии воведе санкции за компанијата Hengli Petrochemical, обвинувајќи ја дека купила иранска нафта во вредност од повеќе милијарди долари, во моментот на ескалација на долготрајните напори на Вашингтон да ги намали нафтените приходи на Техеран.

Администрацијата на претседателот на САД, Доналд Трамп, минатата година воведе санкции за преостанатите четири рафинерии, меѓу останатите. Санкциите создадоа препреки за рафинериите, вклучувајќи проблеми во набавката на сурова нафта и принуденост да ги продаваат рафинираните производи под различни имиња.

Поврзани вести