
Израелскиот министер за финансии, крајнодесничарот Безалел Смотрич, изјави дека Појасот Газа ќе биде целосно уништен по војната со Хамас, а неговите жители ќе бидат раселени.
На конференција на доселеници на Западниот Брег, одговарајќи на прашање како според него изгледа победата во Газа, Смотрич одговори: Газа – целосно уништена.
Тој додаде дека жителите треба да бидат концентрирани во „хуманитарна зона“ на крајниот југ од Појасот, јужно од поранешното израелско населено место Мораг.
Од таму, според него, палестинското население во голем број треба да ја напушти Газа и да се пресели во други земји.
Смотрич изјави и дека „во рок од шест месеци повеќе нема да има Хамас во Газа“.
Израелската влада нареди армијата да го заземе Појасот Газа и да воспостави долгорочна окупација. Десетици илјади резервисти се мобилизираат за офанзива со голем обем.
Според владини извори, планот вклучува и преместување на палестинското население од север кон југ.
Израелските власти тврдат дека целта е да се уништи палестинската исламистичка организација Хамас и да се ослободат заложниците кои се држат од страна на екстремистите.
Но, крајнодесничарски политичари како Смотрич одат чекор подалеку и бараат повторно воспоставување на израелски населби во Газа, од кои Израел се повлече пред 20 години.