
Премиерката на Италија, Џорџа Мелони го одобри предлог-законот за поморска блокада односно спречување на бродовите со мигранти да пристигнат во Италија.
Предвидено е и построг пристап за хуманитарните спасувачки бродови, поригорозни казни за шверцерите со луѓе и планови за забрзана репатријација. Италија ќе може да забрани влез на бродовите во нејзините територијални води во период до 30 дена, а мерката ќе може да се продолжи до шест месеци при „сериозни закани по јавниот ред или национална безбедност“, како што е тероризмот.
За прекршителите предвидени се парични казни до 50.000 евра, а во случај на повторување на делото предвидено е и заплена на бродовите, мерка насочена првенствено на спасувачките бродови. Во такви случаи, мигрантите можат да бидат транспортирани во земји со кои Италија има посебно договори за репатријација.
Мелони истакна дека нејзината Влада ќе ги употреби сите расположливи средства за да ја гарантира безбедноста на границите на Италија.
Таа наведе дека предлог-законот содржи и мерки за забрзана депортација на лицата осудени за кривични дела. Странците ќе бидат протерани и ако нападнат полицаец или ако се обвинети за ропство или семејно насилство.
Ако сакате да живеете овде, мора да ги почитувате италијанските закони, посочи Мелони.
Според податоци на италијанското Министерство за внатрешни работи во 2025 година во Италија со брод пристигнале 66.296 луѓе, што е мало намалување на нивниот број во споредба со 2024 година, но речиси двојно помалку од 2023 година. Намалувањето уследи откако италијанската Влада склучи договори со Либија и со Тунис за стопирање на бродовите.
На сите кои велеа дека е невозможно, сакам да им кажам дека ништо не е невозможно за оние кои се решени да направат нешто. И ние сме одлучни да ја гарантираме безбедноста на нашите граници и на нашите граѓани и ќе ги искористиме сите средства што ни се на располагање за да го обезбедиме тоа, потенцира Мелони.
Предлог-законот за поморска блокада треба да биде одобрен од двата дома на италијанскиот Парламент.

Македонски



