Илјадници Романци протестираа и денеска пред зградата на Уставниот суд против поништувањето на првиот круг од претседателските избори во декември, на кои победи малку познат Калин Георгеску.
Протестите се одржуваат од 6 декември кога Уставниот суд ги поништи изборите, два дена пред вториот круг.
Одлуката беше донесена со образложение дека победникот во првиот круг Калин Георгеску„имал корист од неправедната кампања на социјалните мрежи“.
Адвокатот на Георгеску денеска поднесе барање до Уставниот суд за укинување на одлуката. Околу 4.000 негови приврзаници се собраа пред зградата на судот, извикувајќи „Сакаме да гласаме“ и „Вратете го вториот круг“.
Романската владејачка коалиција оваа недела се согласи да ги повтори претседателските избори на 4. и 18 мај, речиси шест месеци по поништениот прв круг. Дотогаш, претседателот во заминување Клаус Јоханис, чиј мандат истече на 21 декември, ќе остане на функцијата.
Не е познато дали на Георгеску, кој го критикува НАТО и се спротивставува на воената поддршка на Романија за Украина, ќе му биде дозволено повторно да се кандидира.