
Хрватската европратеничка Билјана Борзан иницираше расправа во Комисијата за внатрешен пазар и заштита на потрошувачите при Европскиот парламент, со фокус на рекордно високите цени на храната во Источна Европа, јави ХИНА.
– Според последниот Евробарометар, мнозинството граѓани на ЕУ ги сметаат инфлацијата и сиромаштијата за најголеми проблеми. Ова е особено изразено во источноевропските земји, каде што поскапувањето на храната е највисоко. Со сегашната цена за 10 јајца во Полска, пред четири години можеле да се купат 18 јајца, а во Словачка дури 24. Цената на лебот пораснала за 170 отсто во Унгарија, за 122 отсто во Бугарија и за 65 отсто во Хрватска во изминатите четири години. Во балтичките земји цените на месото се зголемиле до 50 проценти, додека во западните земји зголемувањето на цените е главно под 20 отсто, изјави Борзан.
На расправата присуствуваа претставници од Европската комисија (ЕК), Европската централна банка (ЕЦБ) и Организацијата за храна и земјоделство на ОН (ФАО).
Експерти од ЕЦБ и ЕК истакнаа дека и покрај намалувањето на инфлацијата, цените на храната остануваат високи. Според истражување спроведено од Борзан, 56,4% од хрватските граѓани купуваат помалку храна поради инфлацијата, а многумина се вртат кон производи со понизок квалитет.
-Мора јасно да ги идентификуваме и санкционираме оние што ги ‘дерат кожите’ на луѓето од алчност. За време на расправата, многумина ги обвинија големите мултинационални прехранбени корпорации, од кои само 11 контролираат поголем дел од пазарот. Меѓу нив се компании како ‘Нестле’, ‘Унилевер’, ‘Проктер и Гембл’, ‘ПепсиКо’ и ‘Марс’, кои поседуваат стотици познати брендови, без ние дури и да сме свесни за тоа. Тие не само што ги одредуваат цените, туку и количеството и квалитетот на производите достапни во одредени земји, намерно поттикнувајќи го зголемувањето на цените. На пример, шише ‘Кока-Кола’ чини 1,89 евра во Германија, додека во Луксембург, поради територијални ограничувања, истото шише чини 2,89 евра. Во Источна Европа, и покрај значително понискиот животен стандард, цените се исти или дури повисоки отколку на Запад, додаде Борзан.
Следната година се очекува нов европски закон насочен кон намалување на територијалните ограничувања на пазарот, кои, според проценките, ги чинат потрошувачите во ЕУ 19 милијарди евра годишно. Преку овие ограничувања, мултинационалните компании ги принудуваат дистрибутерите да набавуваат производи само од одредени региони и од производители што тие ги избираат, лишувајќи ги добавувачите од можноста да избираат или да се снабдуваат со стоки по поповолни цени. На крајот, потрошувачите ја плаќаат највисоката цена, забележува ХИНА.