Skip to main content

Хамас доби нов предлог-договор за прекин на огнот во Газа

Israel Defense Forces

Делегацијата на палестинското движење Хамас во Египет од посредниците доби нов предлог за договор за прекин на огнот во Појасот Газа.

Предлогот претставува рамка за почеток на преговори за трајно примирје. Хамас ќе спроведе внатрешни консултации со своето раководство и со лидерите на сојузничките групи, изјави извор од Каиро за АФП, пренесува ТАСС.

Текстот на предлогот во голема мера се совпаѓа со претходната понуда на САД, која предвидува 60-дневно примирје и ослободување на израелските заложници во две фази. Заложниците беа киднапирани на 7 октомври 2023 година за време на напад на Хамас врз Израел, што ја предизвика војната во Газа.

Американското издание „Аксиос“ денеска објави дека катарскиот премиер шеик Мохамед бин Абдулрахман Ал Тани ќе се сретне во градот Ел Аламeјн со египетскиот претседател Абдел Фатах ал Сиси и со претставници на Хамас и други палестински групи. Целта е да се водат директни разговори за можни решенија на конфликтот.

Вчера египетски и катарски посредници веќе се сретнаа со палестинската делегација и им го предадоа новиот предлог. Според извори, средбата не донела суштински напредок, поради што катарскиот премиер решил денеска да патува за Египет, пренесе „Аксиос“.

Поврзани вести