
Европската комисија попладнево ќе го усвои планираниот пакет контрамерки кон САД како одговор на американските царини, откако тој претпладнево беше поддржан од земјите членки на ЕУ со големо мнозинство, информира портпаролот на ЕК за економска безбедност, трговија и царини Олоф Гил.
Тој не даде детали за мерките, најавувајќи дека утре тие треба да бидат објавени во Службениот весник на ЕУ, со што ќе и бидат достапни на јавноста.
Не можам да шпекулирам дали тие ќе бидат воведени или не. Можам само да повторам дека во моментов нашиот фокус е на постигнување договор со САД. Овие контрамерки автоматски ќе стапат во сила на 7 август, ако до тогаш не се постигне договор, рече Гил на денешната прес-конференција во ЕК.
Според него, сепак, секогаш постои опција за одлагање и суспензија на мерките доколку тоа биде потребно, потенцирајќи дека ЕУ работи на два колосека – преговори за постигнување договор за избегнување на најлошото сценарио со воведување царини и паралелно подготвува одговори на сите можни сценарија во случај да не биде постигнат договор со САД.
Во тек секојдневно се интензивни контакти на техничко и политичко ниво за постигнување договор. Веруваме дека таков исход е остварлив и работиме напорно за да го постигнеме во интерес на граѓаните, компаниите и потрошувачите во ЕУ, истакна Гил.
Тој одби да ги коментира на медиумските извештаи дека ЕУ е подготвена да прифати договор со САД за основна царина за извозот на европските стоки на американскиот пазар на ниво од 15 отсто.
ЕУ продолжува интензивно да соработува со САД на техничко и политичко ниво. Во моментов сме фокусирани на тоа и тоа е се што можам да кажам засега, одговори Гил.