Skip to main content

Генерален работнички штрајк во Аргентина против трудовите реформи на претседателот Милеи

gustavo-sanchez-on-unsplash

Синдикатите во Аргентина организираа генерален штрајк во знак на протест против предложените реформи на пазарот на труд од страна на либертаријанскиот претседател Хавиер Милеи.

Железничкиот сообраќај и метро услугите беа во прекин, додека националниот авиопревозник „Aerolíneas Argentinas“ откажа 255 летови. Банките останаа затворени, а голем број работници во јавниот сектор и малопродажбата престанаа со работа, пренесе ДПА.

Пратениците во долниот дом на парламентот денеска требаше да дебатираат за реформите. Нацрт-законот вклучува подолго максимално дневно работно време, намалени отпремнини при отпуштање и ограничувања на правото на штрајк во одредени сектори.

Владата тврди дека ремонт на системот е неопходен за либерализација на пазарот на труд и привлекување повеќе странски инвестиции. Синдикатите, пак, велат дека овие мерки ќе ги нарушат работничките права.

Откако стапи на функцијата, Милеи, кој самиот се опишува како анархо-капиталист, наметна радикална програма за реформи во втората по големина економија во Јужна Америка. Тој ги скрати субвенциите за гас, електрична енергија и јавен превоз, отпушти илјадници државни службеници и ги запре јавните инфраструктурни проекти.

Овие мерки помогнаа во балансирање на државниот буџет и значително ја намалија инфлацијата. Сепак, економската активност останува слаба. Производството е во пад во многу сектори, а бројни мали и средни претпријатија се затворени.

Околу 40 проценти од работната сила е вработена неформално, не плаќајќи ниту даноци, ниту придонеси за социјално осигурување. 

Поврзани вести