Skip to main content

Франција и Кина размислуваат за формирање заедничка работна група за климата

Фото: Freepik

Франција и Кина, заговорници на технологиите за зелена енергија, ја истакнаа желбата да продолжат да ја зајакнуваат соработката за да го забрзаат глобалното распоредување на обновливите извори на енергија, пренесоа француските медиуми.

Париз и Пекинг сакаат „активно да ја проучат можноста за создавање работна група за климатските и еколошките предизвици“, се вели во заедничкото соопштение што двете земји го издадоа на крајот од повеќедневната посета на францускиот претседател Емануел Макрон на Кина.

Францускиот претседател, придружуван од 35 деловни лидери, беше во повеќедневна посета на Кина.

Како што денеска потсети весникот Сид-Уест (Le Sud-Ouest), Макрон во четвртокот го повика својот кинески колега, Си Џинпинг, да работи на ставање крај на војната во Украина и на корекција на трговските нерамнотежи.

– Треба да продолжиме да се мобилизираме во поддршка на мирот и стабилноста во светот. Од Украина до различните региони во светот погодени од војна, нашата способност да работиме заедно е клучна, рече Макрон по состанокот зад затворени врати со неговиот кинески колега.

Францускиот претседател рече дека двете земји имаат области во кои се согласуваат и некои во кои понекогаш не се согласуваат, но постои одговорност да се надмине тоа, да се најдат механизми за соработка и решавање на спорови за ефективен мултилатерализам.

Си рече дека Кина има намера да соработува со Франција за да „спречи какво било мешање“ и да го „направи целокупното стратешко партнерство меѓу Кина и Франција постабилно“. 

Поврзани вести