Skip to main content

Фон дер Лајен за американските царини: Ќе ги заштитиме нашите работници, бизниси и потрошувачи

Длабоко жалам поради одлуката на САД да воведат царини за европскиот извоз на челик и алуминиум, објави претпладнево на Икс претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.

ЕУ ќе дејствува за да ги заштити своите економски интереси. Ќе ги заштитиме нашите работници, бизниси и потрошувачи, наведе Фон дер Лајен во реакција на одлуката на американскиот претседател Доналд Трамп за воведување царини од 25 отсто на увозот на челик и алуминиум во САД.

Таа додаде дека царините се даноци, кои се лоши за бизнисот, полошо за потрошувачите и на кои ЕУ ќе одговори.

Неоправданите царини кон ЕУ нема да останат без одговор – тие ќе предизвикаат цврсти и пропорционални контрамерки, потенцира Фон дер Лајен во објавата.

Германскиот канцелар Олаф Шолц, претходно најави дека ако САД воведат царини и не и остават на ЕУ „друг избор“, тогаш „Унија ќе реагира обединето“.

На крајот, трговските војни секогаш ги чинат двете страни просперитет, додаде Шолц.

Трамп објави дека од утре ќе воведе царини од 25 отсто на увозот на челик и алуминиум.

Утврдив дека увозот на челични производи се заканува да ја наруши националната безбедност и решив дека е неопходно да се прекинат овие аранжмани од 12 март 2025 година, наведе Трамп во извршната наредба.

Поврзани вести