
Европскиот парламент претпладнево во Стразбур ќе ја одржи централната дебата на овонеделната пленарна сесија посветена на ставот на Европската Унија за предложениот мировен план за Украина и за нејзиниот ангажманот за постигнување праведен и траен мир.
Според најавите, европратениците со претставници на Советот на ЕУ и на Европската комисија во рамки на дебатата ќе разменат мислења за предложениот мировен план за Украина. Од оваа дебата ќе произлезе „Резолуција за ставот на ЕУ во врска со предложениот план и ангажманот на ЕУ за праведен и траен мир за Украина“, за чие усвојување европратениците ќе се изјаснат утре.
Во предложениот текст на резолуцијата европратениците ги повикуваат ЕУ, нејзините земји членки и меѓународни партнери на „најрешителен начин да ја поддржат желбата на Украина за праведен и траен мир, кој мора да се заснова на целосно почитување на независноста, суверенитетот, територијалниот интегритет и правото на избор на сојузи на Украина, принципите на меѓународното право, одговорноста за воените злосторства, злосторствата против човештвото и злосторството агресија, како и руските плаќања за огромната штета предизвикана во Украина и кој мора ефикасно да исклучи каква било понатамошна агресија од страна на Русија“
Европратениците ги нотираат напорите на Администрација на САД за ставање крај на војната на Русија, но смета дека „амбивалентноста на американската политика кон Украина е штетна за целта за постигнување одржлив мир“.
Затоа, (ЕП) инсистира ЕУ и нејзините земји членки да продолжат да работат со САД и партнерите со кои споделуваат исти ставови за да се обезбеди дека преговорите за праведен и траен мир за Украина ќе се водат во согласност со горенаведените принципи, со добра намера и со цел дефинитивно прекинување на агресиите на Русија кон Украина како суверена европска нација, се наведува во документот
Европратениците ги осудуваат сите обиди на САД „да го уценуваат украинското раководство“ да се предаде и да ги прифати сите предлози што ефикасно би го поткопале суверенитетот и безбедноста на Украина и со тоа би ја загрозиле долгорочната безбедност на целиот европски континент и, наместо тоа, би го охрабриле рускиот агресор да продолжи со своите напади врз Украина и нејзините европски партнери.
Одредени предлози неодамна презентирани како предлози на САД би претставувале пакт на штета на Украина и на ЕУ и би го загрозиле децениското трансатлантско партнерство за заедничка безбедност и просперитет, се наведува во Предлог-резолуцијата.
ЕП прифаќа дека мировните преговори ќе бараат компромиси и отстапки од двете страни, но смета дека во првичните предлози се „забележува отсуството на отстапки од страна на агресорот Русија“.
Имајќи ја предвид историјата на очигледните кршења на претходните правно обврзувачки договори и фундаменталните принципи на меѓународното право од страна на Русија, на секој договор за одржлив мир ќе мора да му претходи прекин на огнот и да биде поткрепен со ефикасни мерки за следење на спроведувањето на обврските и спречување на одлагање на исполнување на обврските, како и да биде поткрепен со силни безбедносни гаранции од САД и ЕУ за Украина што придонесуваат за спречување на обновени агресии, се вели во документот.
Европратениците повикуваат и на значително зголемување на воената поддршка на Украина и на притисокот врз Русија и се нагласува потребата за Европа „да премине на проактивен ангажман“ со цел постигнување мир.
(ЕП) изразува надеж дека вистински преговори, поддржани со целосната политичка, воена и економска тежина од трансатлантската заедница и нејзините меѓународни партнери во и надвор од Г7 и Г20, можат да воспостават сеопфатен, праведен и траен мир за Украина и да го отворат патот кон фер и инклузивно економско и социјално закрепнување, како и кон иднината на Украина како членка на ЕУ, се истакнува во Резолуцијата.

Македонски








