
Европската комисија планира да ги отстрани Обединетите Арапски Емирати од листата на ЕУ на земји со висок ризик за перење пари и финансирање на тероризам, посочуваат извори во ЕК.
Најавата следува откако во април годинава ЕУ и ОАЕ се согласија да почнат разговори за договор за слободна трговија.
ЕК преложи отстранување на ОАЕ од листата уште минатата година, откако претходно лани во февруари и меѓународната организација за борба против перењето пари, Работна група за финансиска акција (ФАТФ) ја отстрани земјата од сопствената листа на ризични држави, но Европскиот парламент тогаш ја одби ваквата иницијатива.
Според изворите во ЕК, сега се проценува дека судството и органите за спроведување на законот на ОАЕ постигнале напредокот во соработката со ЕУ, како и дека внимателно ја следи состојбата.
ОАЕ беа вклучени на листата на ЕУ на држави со висок ризик за перење пари и финансирање на тероризам во март 2023 година, поради „стратешки недостатоци“ во системот за борбата против перењето пари и финансирање на терористички групи и активности.
Вклучувањето на оваа листа значи воведување на финансиски надзор од страна на институциите на ЕУ, зголемување на ризикот од финансиско изолирање и поголема изложеност на меѓународен притисок.
На листата на ЕУ на држави со висок ризик за перење пари и финансирање на тероризам во моментов се наоѓаат 22 земји, меѓу кои и Барбадос, Виетнам, Гибралтар, Јамајка, Јужна Африка, Нигерија, Панама, Сенегал, Уганда и Филипини.
Спореди изворите во ЕК се предлага и дополнително проширување на листата со додавање на Алжир, Ангола, Брегот на Слоновата Коска, Венецуела, Кенија, Лаос, Либан, Монако, Намибија и Непал.
Обединетите Арапски Емирати се федерална држава во источниот дел на Арапскиот Полуостров составена од седум федерални единици, од кои најпознати се Абу Даби и Дубаи.