Skip to main content

ЕК усвои извештаи за имплементацијата на Законот за дигитални пазари и за политиката на конкурентност

Freepik

Европската комисијата денеска ги усвои својот втор годишен Извештај за Законот за дигитални пазари, како и Извештајот за политиката на конкурентност за 2024 година, јави дописникот на МИА од Брисел.

Извештајот за Законот за дигитални пазари (ДМА) прави преглед на мерките преземени во периодот од јануари до декември 2024 година со цел да се обезбеди негово ефикасно спроведување и да се постигне праведност во дигиталниот сектор на пазарот на ЕУ.

Покрај тоа, извештајот дава преглед на информациите добиени од т.н. „чувари на портата“ за нивните активности поврзани со почитување на одредбите од ДМА и заштита на потрошувачите, а ја опишува и соработката и координацијата помеѓу Комисијата и националните власти за кохерентно, ефикасно и соодветно спроведување на Законот.

Во Извештајот за политиката на конкурентност за 2024 година се наведени главните законодавни иницијативи и предлози на политиките доставени во текот на минатата година, како и мерките за нивно спроведување.

Извештајот ја истакнува улогата на политиката на конкурентност во зајакнувањето на единствениот пазар, каде што бизнисите можат да го искористат максимумот од европската скала за да развијат силни и конкурентни индустрии во корист на европските граѓани. Исто така, тој покажува како политиката на конкурентност помогна во поддршката на целите на индустриската политика, во согласност со политичките приоритети на Комисијата, а воедно ги штити потрошувачите, се наведува во документот.

Извештајот е доставен до Европскиот парламент, Советот на ЕУ, Европскиот економски и социјален комитет и Комитетот на регионите.

Поврзани вести