Skip to main content

Николоски: Ако се врати апетитот за проширување во пет-шест земји членки на ЕУ, прашањето со Софија ќе се реши

Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски смета дека доколку се врати апетитот за проширување во пет до шест поголеми земји членки на Европската Унија, прашањето со Бугарија нема да биде една од главните пречки за евроинтеграцијата на Македонија. 

Во вечерашното гостување во емисијата „Колегиум“ на Алфа телевизија, Николоски оцени дека паралелно со европските интеграции, државата треба да продолжи со реформите и да ја развива економијата. 

Мојата клучна теза зад која стојам е дека доколку се врати апетитот за проширување, особено кај пет-шест поголеми земји членки на Европската Унија, проблемот со Софија ќе се реши. Меѓутоа, сум многу прецизен: не велам апетит за проширување во Брисел, не велам апетит за проширување во Европската комисија или во институциите на Европската Унија, туку велам апетит за проширување во пет-шест поголеми и позначајни земји членки на Европската Унија. Доколку тој не се врати, ќе бидеме во оваа ситуација во која сме сега. Но, наша работа е да ги спроведуваме реформите, да ја јакнеме државата економски и политички и да градиме модерна држава – оцени Николоски.

Се осврна и на европската финансиска поддршка и инфраструктурните проекти, нагласувајќи дека државата добива значајни грант-средства од ЕУ за железничките и патните делници. 

Имаме 149 милиони евра грант за првата фаза од железницата, имаме уште околу 30 милиони евра за втората фаза, која е во тек. Имаме 20 милиони евра за автопатот, каде што почнавме активности; сè се тоа повратни односно грант-средства. Имаме и 130 милиони евра за делницата Скопје – Блаце, која почнавме да ја градиме. Така што, тоа се сериозни грант-компоненти што ги добиваме од Европската Унија – рече Николоски.

Во однос на изградбата на пругата кон Бугарија на Коридорот 8, тој информираше дека на делницата од Бељаковце до Крива Паланка веќе има 40 отсто напредок и најави пуштање во сообраќај во текот на следната година, но, вели, целосното железничко поврзување на источното крило на Коридорот 8, од Скопје до Црното Море и до Одеса, се очекува да биде во 2032 година.

Во моментов има тендер за кој ми е многу драго што не е објавен на македонското Биро за јавни набавки, туку на официјалната платформа за јавни набавки на Европската Унија. Тој трае до 20 јануари, во согласност со правилата на Европската инвестициска банка. Се надевам дека навреме ќе избереме изведувач. Паралелно имаме и тендер за надзор и очекувам во април или мај наредната година да почне да се гради и таа секција. Таа мора да заврши за пет години, односно некаде до 2032 година. Паралелно ќе го изградиме и железничкиот тунел со Бугарија, за кој се договоривме тие да работат на нивниот дел, па во 2032 година да имаме целосно железничко поврзување од Скопје до Црното Море и до Одеса – рече Николовски. 

Поврзани вести