
Европската Унија ги примила на знаење прелиминарните наоди и заклучоци на Мисијата на ОБСЕ/ОДИХР, која ги набљудуваше изборите во Босна и Херцеговина, и ги повика избраните претставници што е можно поскоро да формираат власт на државно, ентитетско и кантонско ниво.
Високата претставничка на ЕУ за надворешна и безбедносна политика Каја Калас и комесарката за проширување Марта Кос објавија заедничка изјава во која се наведува дека изборите, одржани во неделата, биле правилно спроведени. Според наодите на мисијата на ОБСЕ/ОДИХР, имало вистинска конкуренција меѓу партиите и сите учесници генерално можеле да допрат до гласачите.
„Денот на изборите помина непречено, иако беа забележани тешкотии со информатичката и комуникациската технологија (ИКТ), сложени процедури за гласање и броење гласови и проблеми поврзани со тајноста на гласањето“, се наведува во соопштението. ЕУ го поздрави и националното спроведување на ИКТ, воведено за прв пат за да се справат со долгогодишните загрижености за интегритетот на изборите.
Калас и Кос ги повикаа избраните претставници да преземат целосна одговорност за итно формирање на власт на државно, ентитетско и кантонско ниво по потврдувањето на резултатите од изборите.
„ЕУ очекува сите политички лидери конструктивно и со добра волја да се вклучат во тој процес, имајќи ги предвид заедничките интереси на сите граѓани. ЕУ ги повикува сите лидери да ја поттикнат довербата меѓу луѓето и заедниците и да изградат консензус, така што Босна и Херцеговина ќе продолжи напред по својот пат кон ЕУ“, се наведува во соопштението.
ЕУ ги повикува избраните претставници и да ги преземат сите потребни чекори за отворање на преговорите за пристапување. На 21 март 2024 година, Европскиот совет донесе одлука за отворање на преговорите за пристапување со Босна и Херцеговина, но отворањето на преговарачките кластери бара ЕУ да усвои преговарачка рамка.
За да се усвои рамката за преговори, БиХ мора да ги спроведе сите релевантни чекори наведени во препораката на Европската комисија од октомври 2022 година. Ова вклучува понатамошни реформи во областа на владеењето на правото, судството и изборниот систем. „Ова би го отворило патот Советот да ја усвои рамката за преговори и да ја одржи долгоочекуваната прва меѓувладина конференција за пристапување“, нагласија Калас и Кос.
Тие ја повикаа Босна и Херцеговина целосно да го искористи Планот за раст на ЕУ за Западен Балкан. За да се избегне понатамошно губење на средства, земјата мора итно да ја комплетира правната и институционалната рамка и да продолжи со спроведување на преземените реформи.
Извор: МКД.мк

Македонски


