
Македонија се наоѓа во период на интензивен инфраструктурен развој, со изградба на шест автопатски делници истовремено, инвестиции што треба значително да ја подобрат патната поврзаност во земјава и да дадат нов импулс на економијата. Станува збор за обемен градежен потфат со кој ретко која земја во регионот, па и пошироко, може да се пофали – изјави вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски.
Тој, во емисијата „Колегиум“ на Алфа ТВ, рече дека Владата тоа не го прави заради натпревар, туку за да остави наследство на идните генерации.
Тоа не го правиме заради натпревар, туку за да оставиме нешто зад себе. Нам мандатите ќе ни завршат, како и на тие претходните, така и на оние коишто ќе дојдат и затоа прашањето е што ќе оставиме зад нас нас како наследство и по што ќе не паметат идните генерации – рече Николоски.
Тој посочи и дека автопатот Кичево-Букојчани е клучен за Коридорот 8, и за целосното функционирање на автопатската врска од Скопје, преку Тетово, Гостивар и Кичево, до Охрид и Струга. Но она што исто така е важно, како што нагласи, е дека ќе работи македонска оператива и оти надзорот е целосно македонски.
Најголемите македонски инженери, најстручните луѓе ќе работат на надзор на автопатот што е големо искуство за нив за да можат да стекнат знаење, но и референци да конкурираат надвор, во странство, а од она што го знам од изведувачите од австрискиот конзорциум, е дека ќе има доста македонски компании што ќе работат заедно со нив – истакна Николоски.
Николоски посочи дека станува збор за исклучително тежок, планински терен, на кој ќе се градат тунел долг 370 метри, пет големи вијадукти, четири помали мостови, пет натпатници, четири потпатници и две клучки. Како особено значајно го истакна и учеството на домашните инженерски компании.
Автопатот Кичево-Букојчани е еден исклучително значаен проект, проект којшто ја прави целината на автопатот кој што оди од Скопје, преку Тетово, Гостивар, Кичево, до Охрид и до Струга, но исто така е клучен за Коридорот 8, затоа што без овој автопат, трите други автопати коишто се градат во моментов, Охрид-Кичево, Букојчани-Гостивар и Гостивар-Тетово, ќе немаа смисла, односно ќе не можат да се спојат. Со овој автопат целиот Коридор 8 добива смисла – посочи Николоски.
Вицепремиерот зборуваше и за диманиката на изградба и на останатите автопатски делници, при што истакна дека очекувањата се секаде роковите на изградба да бидат запазени.
На автопатот Прилеп-Битола, работите се одвиваат со одлична динамика, рокот на завршување е до крајот на 2029 година, но очекувам веќе в година да имаме отворено дванаесетина километри од 40. Тетово-Гостивар, иако изгледа лесен, има доста објекти и таму има предизвици, но се решаваат и очекувам исто така во рокот до крајот на 2029 година да биде завршен. Гостивар Букојчани, или обиколницата на Стража, тој е најтежок за работа, затоа што целиот е низ планина, има многу мостови, еве веќе почна осмиот мост да се работи овие денови. Тој е 31км, и таму очекувам 2029-2030 да биде завршен. Букојчани-Кичево рокот за изведба е 4 години, изведувачите ветуваат дека за 3 години и 6 месеци ќе го завршат и Охрид-Кичево, една поголема делница очекувам да пуштиме во следниве месец дена, а целиот да биде завршен напролет во зависност од временските прилики – истакна Николоски.

Македонски


